Елиф Елмас ќе добие шанса од првата минута на утрешното четвртфинале од Лигата на Шампионите меѓу Милан и Наполи, и тоа во улога на „лажна деветка“, како најистурен играч во нападот на „наполитанците“. Оваа информација ја најавуваат неколку италијански медиуми, според кои Елмас е најдоброто решение за напаѓачката криза со која се соочува Лучијано Спалети токму пред клучните европски натпревари.
Виктор Осимен се врати повреден од репрезентативната пауза и се уште не е подготвен за настап, а проблем плус претставува фактот дека Џовани Симеоне влезе во игра во второто полувреме против Лече и само десетина минути подоцна мораше да биде заменет поради повреда на мускулот. За главоболките на Спалети да се уште поголеми, на вчерашниот тренинг на повреда се пожали и Распадори, третиот фудбалер што Наполи го има во тимот и што може да игра како класична „деветка“.
Во една таква ситуација, тренерот на Наполи за време на вчерашниот тренинг пробувал тактика со Елмас како „лажна деветка“, а според информациите од Италија, македонскиот „дијамант“ сосема добро одговорил на овој предизвик.
Иако има се уште време за експерименти, Спалети нема премногу избор, па се очекува Елмас да се појави од првата минута на „Сан Сиро“ и да биде сериозна опасност по голот на „росонерите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА