Босанскиот претставник Спарс е ривалот на МЗТ Скопје во полуфиналната серија од АБА2 лигата, која стартува со вечерашниот натпревар во Сараево (20 часот). Станува збор за екипа што го освои второто место на табелата во регуларниот дел од сезоната, МЗТ беше третопласиран, но македонскиот вицепрвак на двете средби со Спарс забележа две победи. Сепак, „металците“ се свесни дека денешниот дуел носи многу поголем влог со себе, а со самото тоа и дополнителен притисок врз играчите на двата тима.
„Влегуваме во решавачкиот дел од сезоната, каде немаме право на грешки. Секој натпревар ќе биде посебна приказна и верувам дека сме подготвени. Добро се познаваме со Спарс, не очекувам тактичи изненадувања, на нас е со агресивна игра и мотивиран пристап да го наметнеме сопствениот ритам“ – изјави плејмејкерот на МЗТ Скопје, Лестер Медфорд.
Полуфиналната серија се игра до две добиени средби, вториот меч е закажан за в недела во „Јане Сандански“, додека евентуалната „мајсторка“ ќе се одигра на 28 март во Сараево.
Директен влез во АБА1 лигата обезбедува само шампионот на АБА2, додека второпласираната екипа од лигата чиј учесник сега е МЗТ Скопје ќе игра бараж против Задар, како претпоследна екипа од АБА1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА