Најдобриот кошаркар на Сан Антонио беше најзаслужен за победата на неговиот тим над актуелниот шампион во синоќешниот дуел од НБА лигата. Спарси славеа по продолжение со 118-115, а Леонард мечот го заврши со 41 поен, шест скока и пет асистенции.
Одличен беше и Ламаркус Олдриџ со „дабл-дабл“ ефект од 16 поени, 12 скока и шест асистенции. Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг за домашните постигнаа по 29 поени.
Хјустон во „ФедЕх форумот“ славеше против Мемфис со 119-95 со добра партија на Џејмс Харден кој постигна 29 поени и запиша 10 асистенции и шест скока. Најдобар кај домашните беше Марк Гасол со 32 поени.
Денвер дојде до победа над ЛА Клиперс од 123-98, а најефикасен во нивните редови беше Никола Јокиќ со нов „дабл-дабл“ од 19 поени и 10 скока. Денвер моментално е осми на Западот со ефект од 18-24, додека Клиперси се четврти со 29 победи и 16 порази.
Максимално возбудливо беше и на дуелот меѓу Детроит и Вашингтон. Домаќинот на крајот славеше благодарение на Маркус Морис кој погоди во последната секунда од мечот за конечни 113-112. Токму тој беше и најефикасен кај домашниот тим со 25 поени и 11 скока.
Во останатите синоќешни дуели, Атланта беше подобар од Филаделфија победувајќи со 110-93, Шарлот славеше против Бруклин со 112-105, Мајами против Милвоки со 109-97, Њујорк дома загуби од Феникс со 105-107, Чикаго тесно го победи Сакраменто со 102-99, Јута славеше против Индијана на домашен терен со 109-100, а Бостон по продолжение загуби од Портланд со 123-127.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА