Машката сениорска репрезентација од денеска е во Атина каде утре (19 часот) ќе се соочи со Грција, во еден од најважните натпревари во квалификациите за пласман на Европското првенство 2026.
Селекторот Јошко Миленкоски ги избра 14-те „спартанци“ кои одат во поход на Атина, а единствена промена од составот кој го понесе товарот во Европската Златна лига е враќањето на средниот блокер Филип Маџунков.
Македонија „брка“ место на ЕП 2026 како една од најдобро петтопласирани селекции во групните квалификации. По првите одиграни дуели од оваа фаза резултатите ни одат во прилог, но сега е ред на нас, ние да одиграме за самите себе и да бидеме практично пред промоција како учесници на ЕП.
Грција е противник со кој во последните три соочувања имаме три порази, важат за фаворити, а играат и на домашен терен. Но, ниту еден од овие факти не ги плаши македонските репрезентативци, затоа што им е јасно дека мора да се мине најтешката пречка за да се стигне до најголемата награда.
„Дуелот со Грција е еден од најважните натпревари за нас летово. Одлично ја темпиравме формата, одигравме квалитетни пријателски дуели кои ни покажаа што е добро во нашата игра, а што треба да поправиме и работевме на тоа деновиве. Анализираме, поставуваме тактика и мислам дека во одлична форма влегуваме во утрешниот натпревар. Резултатите од останатите групи се во наша полза, и сега е се во наши раце. Потребен ни е минимум сет против Грција и мислам дека нема да го бараме минимумот, туку ќе одиме на максимум и зошто да не приредиме изненадување во Атина!? Големо е значењето на овој натпревар – пласман на ЕП и сите сме свесни за тоа. Мотивација и инспирација не ни недостасуваат, желбата е голема и може да очекуваме добра игра, па зошто да не и победа. Сите сме здрави, расположени, има убава атмосфера во тимот и верувам дека тоа ќе се преслика и во играта и на натпреварот“, оптимистички размислува средниот блокер Филип Савовски.
Грција ја пречекува Македонија утре во 19 часот по македонско време во „Мелина Меркури Рентис“ во Атина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

