Македонските одбојкари со натпреварот против Финска денеска од 18 часот во Тампере ги стартуваат своите натпревари во Групата Ц на Европско првенство 2021.
Уште еден предизвик во низа за македонските „спартанци“ кои повторно се меѓу најдобрите на Стариот континент. И повторно, како пред две години во Љубљана, ЕП го отвараат со мегдан против Финска, сега и тоа како желни за реванш за оној пораз во Словенија.
„Групата речиси цела се повтори освен две репрезентации кои се променија, но сме значитеоно помирни, поискусни, без онаа еуфорична трема како тогаш пред две години. Би било добро сега да започнеме со победа, па да видиме како ќе се развиваат настаните натаму“ – вели средниот блокер Ристо Николов, пред денешниот старт на шампионатот.
Искуството од Љубљана им овозможи на македонските одбојкари полесно да ги гледаат предизвиците во Групата Ц во Тампере, каде што сите репрезентации ќе сакаат повеќе од претходниот собир, а некои од нив се тука за најголемиот резултат во историјата. И сите имаат право да се надеваат, и тоа објективно. Русите навикнаа да бидат одликувани каде и да се појават, како во славните времиња на браќата Ван Дер Гор, Холанѓаните имаат доминантен коректор – Абдел Азис, Турците се можеби ослабени без Екши и Субаши, но нивниот потенцијал е несомнен, Шпанија генерално е спортска велесила, а Финска е домаќин и поставува високи цели пред себе.
„Сега размислуваме само за Финска затоа што така е најпаметно без оглед дали играме квалификации, Европска лига, или, пак, Европско првенство. Размислуваме натпревар по натпревар бидејќи веќе сме искусна екипа и нема зошто да се залетуваме. Напротив, ќе одиме полека“ – дополнува Николов.
Секако, клучот ќе биде кај нас. Ако селекторот Душко Николиќ и одбојкарите го најдат вистинскиот ритам на теренот, Македонија ќе може да игра со секого. Контролата со Словачка ни покажа дека за вака високо натпреварувачко ниво треба да функционираат сите елементи, а психолошката подготовка да биде поддршка на тактичките замисли.
„Првиот натпревар на првото европско првенство го игравме против Финска и бевме во грч затоа што дебитиравме на европската сцена. Вторпат отвораме со Финска, со тоа што сега сме поискусни за две години. Фокусот ни е најмногу на Финците, а потоа ќе ги гледаме другите противници и ќе се подготвуваме за да оствариме позитивни резултати“ – вели либерото во црвено-жолтиот состав, Дарко Ангеловски.
Тоа што големите очекувања не се истакнуваат јавно е поразлично од нашата европска премиера пред две години кога отворено посакувавме осминафинале. Неверојатно е желбите сега да се поразлични, а тоа што премногу не се зборува за нив значи дека вистинската приказна ќе се пишува на теренот во Хакаметса арената. Сите натпревари од Групата Ц на Европскиот шампионат ќе одат во живо на програмите на Македонската телевизија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА