Македонската одбојкарска репрезентација продолжува со одличните игри во рамките од Европската лига, откако серијата од три победи во Скопје продолжи и на премиерниот меч од турнирот во Тирана. Шведска повторно беше „пациент“ на нашите „спартанци“, кои со триумф од максимални 3-0 уште еднаш ја потврдија решеноста сезонава да атакуваат и на златниот медал во натпреварувањето кое две години по ред го завршуваат со сребрени одличја.
Првиот сет мина во апсолутна доминација на македонските одбојкари, кои го контролираа резултатот и триумфираа со конечни 25-16. Неочекувано, на стартот од вториот сет дојде до голем пад во концентрацијата на „спартанците“, па противникот со серија поени си создаде одлична предност. Шведска на вториот технички тајмаут замина со предност од 10-16, но потоа следеше фантастична серија на нашите репрезентативци, кои најпрвин поведоа со 20-19, за на крајот да го добијат и сетот со 25-22.
Третиот сет мина во поизрамнета игра во кој сепак Шведска беше селекцијата што почесто беше во водство. По предноста на ривалот од 14-16 „црвено-жолтите“ стигнаа до израмнување на 19-19. Скандинавците имаа и позитива од 22-23, за потоа Македонија да го сврти резултатот во своја полза за водство од 24-23. Следеа нови два поени на Шведска за предност на противникот од 24-25, за по огромна битка Македонија да слави со 32-30, за четврта победа во низа во Европската лига.
Нашите одбојкари утре ќе се сретнат со Азербајџан, а в недела ќе ги одмерат силите со Албанија. Математички, пласманот во Ф4 е веќе осигуран,а неопходна е уште една победа за Македонија сигурно да биде првопласирана, па во полуфиналето на фајналфор турнирот да се сретне со домаќинот Данска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА