Одбојкарската репрезентација на Македонија успеа да обезбеди историски пласман на Европско првенство. Со триумфот од 3-0 над селекцијата на Унгарија во СРЦ „Кале“, и откако се вклопија резултатите од останатите групи, македонскиот национален тим се најде меѓу петте најдобро второпласирани селекции кои ќе бидат дел од континенталниот собир во септември. Ќе се игра во четири држави, Франција, Белгија, Холандија и Словенија.
Среда е среќен ден, а „Спартанците“ ја заслужија среќата со се она што направија во минатото, и во овие квалификации во групата Ф. Завршија на второто место зад Украина, и се протнаа меѓу петте најдобри од вкупно седум селекции.
Мотивирани по победите на Шведска над Азербејџан и на Летонија над Израел, македонските обојкари почнаа фуриозно во првиот сет. Поведоа со 13-9, но потоа како да подзастанаа и Унгарија израмни (13-13). Сепак, во финишот изнајдоа сили за да го добијат во своја корист првиот сегмент со 25-21.
Никола Ѓоргиев стандардно најдобар, но имаше голема поддршка и од сите останати. Блесна Љафтов.
Во вториот сет, Македонија продолжи со доминантна игра. Проработе блокот, нашите одбојкари знаеја да го контролираат резултатот и го добија со 25-20.
Третиот требаше да биде рутина. Македонија беше во налет, остана само да го докрајчи противникот. Поведовме со 15-8, потоа Унгарија возврати со три поени едноподруго, но и тоа не го наруши ритамот на избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ. Унгарците стигнаа до 20-19, но, на крајот, сепак го комплетиравме сетот со 25-21, остваривме триумф од 3-0 во сетови и пласман на Македонија на Европско првенство.
За првпат во историјата!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА