Неизвесноста околу иднината на Фени индустри продолжува откако финансиската криза се продлабочува, кошаркарите и стручниот штаб се без ветените плати, а во прашање е доведена и егзистенцијата на самиот клуб. Фабриката „Фени индустри“, која е главен спонзор на кавадаречкиот клуб, се наоѓа во стечај, а додека трае потрагата по нов инвеститор за оваа компанија „виси“ и иднината на кошаркарскиот клуб. Иако како опција се споменуваше помош од општина Кавадарци, сепак тоа не се реализираше, па сега кошаркарите се во исчекување на преговорите за преземање на фабриката од страна на нов странски инвеститор.
Како што дознава ЕКИПА, токму утрешниот ден ќе даде многу одговори на прашањата околу иднината на кавадаречкиот клуб, кој зад себе има бројни трофеи на македонската сцена, но и единствена титула во регионалните натпреварувања, онаа во БИБЛ-лигата. Неофицијално, доколку биде прифатена понудата на бугарските инвеститори за преземање на фабриката „Фени индустри“, тоа ќе значи и спаси за кошаркарскиот клуб, со оглед на фактот дека важен „играч“ во овие преговори е Амир Абед, човекот што беше најзаслужен за најголемите успеси на кавадарчани во клупската историја.
Доколку таков договор не биде постигнат, тоа најверојатно ќе значи и згаснување на уште една кошаркарска приказна во Македонија, во град кој дал бројни асови на мак-баскетот.
Во исчекување на информации за дефинитивната судбина, тренерот Малинков и кошаркарите се подготвуваат за наредниот предизвик, дуелот со шампионот МЗТ Скопје закажан за четврток. По заминувањето на Мирковиќ тимот на Фени индустри остана без ниту еден странец во екипата, згора на тоа повреден е и Пајиќ, па кавадарчани десеткувани ќе се обидат да му се спротивстават на актуелниот првак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА