Најдобриот македонски кајакар, Љубомир Спасиќ го освои 9. место во финалната трка на Европскиот куп кој викендов се одржа во Италија.
Спасиќ претходно во квалификациската трка стигна до 5. место на тој начин изборувајќи се за директен пласман во финалето. Во финалето настапија 15 натпреварувачи, меѓу кои македонскиот кајакар на крајот стигна на 9. место по серијата мали грешки во првиот дел од патеката кои за жал го оддалечија од освојување на медал.
И покрај тоа, Спасиќ со 333 бода остана на првото место во генерален пласман на Европската ранг листа пред Словенецот Нејц Жнидарчич кој има 300 бода и Босанецот Душан Мачкич кој е со 248 бодови.
„Со овие мои настапи на Европските купови испишана е нова историја во македонскиот кајак на диви води во спуст, и како единствен натпреварувач кој успеал да се пласира на четири финални натпревари и го задржи самиот врв на ранг листата со што само теоретски може да се случи од првопласиран на ранг листата да паднам место подолу“ – вели Спасиќ.
За македонскиот кајакар претстои уште настап на финалето од Европските купови во Чешка на 18. август каде се очекува да го потврди освојувањето на европскиот куп со што би ја заокружил доминација во оваа дисциплина во европски рамки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА