Македонските одбојкари ја забележаа и втората победа на својот втор меч на Европското првенство во Скопје, лесно и убедливо декласирајќи ја Црна Гора со максимални 3-0. Растоварени без притисокот од оној прв меч против Данска, нашите репрезентативци одиграа одличен меч, максимално тактички подготвени од селекторот Миленкоски и во ниту еден момент не му дозволија на противникот да се понадева на изненадување во Скопје. Двете победи на стартот (со 3-1 и 309 во сетови) значат и речиси математички пласман во следната фаза од европскиот шампионат, прв ваков подвиг на Македонија на третото учество на одбојкарските ЕП.
Македонија го почна и денешниот меч со ист стартен состав како и против Данска, со Деспотовски како стартен техничар. Црногорците го отворија подобро мечот поведувајќи со 1-5, по што Миленкоски мораше експресно да реагира со тајмаут. Одговоривме на вистински начин, па со три блока на Савовски во низа експресно израмнивме на 5-5. Првото водство на Македонија беше со 8-7, по ас-сервисот на Љафтов што ги крена на нозе присутните во СЦ „Борис Трајковски“. Како што одминуваше времето играта на Македонија добиваше на сигурност, стигнавме до водство од 14-11 по кое црногорскиот селектор побара тајмаут. Црногорците дојдоа на еден поен разлика, но нашите одбојкари го издржаа притисокот, па со одличниот блок на Маџунков се вратија на „плус три“ (19-16). Македонската репрезентација не дозволи камбек, дополнително се одлепи и заслужено го доби првиот сет со 25-22 со смечот на Ѓоргиев.
Црна Гора прва дојде до „плус три“ во вториот сет, поведувајќи со 3-6 на сервис на Чачиќ. Македонија експресно се врати по тајмаутот, па на сервис на Савовски го свртевме и резултатот во наша полза, со водство од 11-8 по новиот одличен блок на Милев. Нашиот блок функционираше одлично, па по двата поени во низа на Савовски и предноста од 16-12, црногорскиот селектор мораше да побара нов тајмаут. Ситуацијата на теренот не се промени, Македонија го контролираше резултатот и со еден ас сервис на Љафтов и уште еден блок на Савовски поведовме и со 20-15. Противникот беше тотално исфрлен од ритам, а нашите одбојкари маестрално го завршија сетот добивајќи го со 25-18.
Македонската фурија продолжи и на стартот од третиот сет, за рано водство од 5-2. Црногорците побараа тајмаут при 8-4, но „црвено-жолтите“ продолжија да доминираат, на средина од сетот поведувајќи со 13-8. Црногорците не се предадоа, намалија на 16-15, но имавме одговор за нивната серија, повторно влеговме во ритам со серија сервиси на извонредниот Савовски и се одлепивме на 20-16. Предноста знаевме како да ја сочуваме до самиот крај, славејќи со конечни 25029 за огромна радост на сите присутни во СЦ „Борис Трајковски“.
Први два натпревара и две победи, над Данска и над Црна Гора, за извонреден старт на шампионатот пред дуелите со Полска, Холандија и со Чешка, со кои ќе се бориме за што подобро место во групата во пресрет на нокаут фазата во Бари.
Македонија во рамките од третото коло утре со почеток во 20 часот ќе се сретне со фаворитот во групата, селекцијата на Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА