Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, сака да организира тениски спектакл, дуел меѓу Роџер Федерер и Рафаел Надал што би се одиграл на „Сантијаго Бернабеу“. Легендарната фудбалска арена може да биде оспособена за поставување на тениска подлога, а Перез е убеден дека овој спектакл во живо би го следеле над 80.000 луѓе, што би бил светски рекорд за еден тениски меч.
Шпанскиот весник „АБЦ“ открива дека Надал е запознаен со идејата и прифатил да биде дел од овој дуел, па сега се очекува уште одговорот од Федерер, до кого понудата е веќе испратена. Доколку и Швајцарецот го прифати предизвикот, ќе се седне на маса за да се договори точниот термин, во текот на пролетта 2020 година.
Најгледан тениски меч во моментов е оној меѓу Серена Вилијамс и Ким Клајстерс во Брисел, што го следеа 35.000 фанови. Се очекува овој рекорд да го урнат Федерер и Надал, кои во февруари закажаа ревијален меч во Африка, на кој се најавува присуство на над 50.000 навивачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА