Мастерс-турнирот во Синсинати ќе заврши со дуел на двајцата најдобри тенисери во моментов, откако Јаник Синер и Карлос Алкараз ги минаа своите полуфинални пречки пласирајќи се во мечот за трофејот на овој силен турнир кој важи за увертира за УС Опен.
Алкараз за противник во полуфиналето го имаше Александар Зверев, германскиот тенисер се мачеше со проблем што го имаше и на својот претходен меч, а Шпанецот знаеше како да го искористи тоа и рутински триумфираше со 6-4, 6-3.
„Среќен сум што сум во финалето, но жал ми е за Зверев и му посакувам што поскоро да се опорави. Никогаш не е лесно да играте против тенисер кого го гледате дека се мачи здравствено на терен, дека не може да даде 100% од своите можности“, прокоментира Алкараз по мечот.
Синер ја продолжи серијата импресивни настапи со победа над сензацијата на турнирот, Теренс Атмане кого првиот светски рекет го победи со 7-6, 6-2 за ново финале во Синсинати, каде Италијанецот воедно е и бранител на трофејот.
Ова ќе биде четврти турнир во низа на кој Синер и Алкараз учествуваат и успеваат да стигнат до големото финале, Шпанецот беше подобар на Мастерс-турнирот во Рим и потоа на Ролан Гарос, додека Синер ја прекина „црната серија“ со импресивна победа на Вимблдон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

