Се е подготвено за почетокот на ракометниот мундијал во Шведска и Полска, што официјално ќе стартува со вечерашниот дуел во Катовице меѓу Франција и Полска.
Првиот впечаток е дека натпреварувањето ќе биде едно од најнеизвесните во последните години, со оглед на големиот број на врвни репрезентации кои со големи амбиции го очекуваат овој мундијал. Впрочем, конечниот исход на овој мундијал се зема во предвид и при распределбата на местата на наредните Олимписки Игри (како и за предолимписките квалификации), што ќе биде само уште еден мотив повеќе да нема никакво опуштање кај „големите репрезентации“.
Данска ќе ја има улогата на бранител на трофејот што избраниците на Николај Јакобсен го освоија пред две години во Египет. Тогаш Шведска беше второпласирана, Шпанците го освоија третото место, додека Франција стигна до четвртата позиција.
Овие четири селекции и овој јануари се меѓу главните кандидати за златото, но Норвешка и Исланд ја предводат листата на репрезентации кои ќе сторат се за да им ги замрсат сметките на големите фаворити.
Според пропозициите, 32-те селекции се поделени во осум групи од по четири репрезентации. Трите најдобри од секоја група се пласираат во следната фаза, каде ќе бидат формирани четири групи од по шест селекции, а во предвид ќе се земат меѓусебните резултати од првата рунда. Само две од шесте репрезентации од секоја група потоа обезбедуваат пласман во четвртфиналето, со кое почнува нокаут-фазата се до големото финале и распределбата на медалите.
Македонија ќе биде дел и од овој ракометен мундијал, и тоа како дел од групата Ф, во која нашите ракометари во Краков за противници ќе ги имаат Норвешка (13 јануари), Холандија (15 јануари) и Аргентина (17 јануари).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА