Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија ќе го одложи објавувањето на списокот на повикани фудбалери за историскиот плејоф натпревар против Косово. Требаше да излезе пред јавноста со составот утре, но обелоденувањето на имињата на репрезентативците ќе почека до сабота. Причина е новонастанатата состојба со Covid-19 во Италија, поточно во калчолигашот Џенова, чиј член е Горан Пандев.
Десетмина фудбалери и четворица членови на стручниот штаб се позитивни на коронавирусот, Горан Пандев засега нема симптоми и на првичниот тест беше негативен, а во текот на денешниот ден треба да бидат познати и резултатите од дополнителното тестирање на целиот клуб. Проблем е што сите се во задолжителен карантин, па од локалните власти зависи дали Пандев би добил дозвола и да отпатува за Македонија, ако повторно има негативен тест на Covid-19.
Во попладневните часови треба да биде познато дали има „позитивни“ и во Наполи, тимот со кој играше Џенова изминатиот викенд, а настапи и Елиф Елмас. Претседателот Аурелио де Лаурентис прв ги доби резултатите дека е „негативен“, а во Наполи се надеваат дека вирусот целосно ќе ги одмине.
На списокот требаше да биде и Мартин Богатинов, голманот на Етникос Ахна, но и тој е позитивен и во домашна изолација на Кипар.
Селекторот Игор Ангеловски испрати повик до фудбалерите, но ќе почека за објавување до јавноста се до сабота, кога и официјално ќе истапи во јавноста. Можеби ќе треба нешто и да се менува во последен момент…Првиот собир на националниот тим треба да биде в недела, 4 октомври.
Полуфиналниот плејоф натпревар од Лигата на нации против Косово за настап на Европското првенство 2021 е закажан за 8 октомври во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА