Екипата на Сплит ги засили своите редови за претстојните битки за опстанок во АБА-лигата, почнувајќи од дуелот со МЗТ Скопје што на програмата ќе биде наредното коло.
Нов кошаркар на хрватскиот претставник е 20-годишниот Борис Тишма, 205-сантиметри висок играч кој може да настапува на неколку различни позиции во тимот. Станува збор за играч кој како 13-годишник замена во младинската школа на Реал Мадрид, потоа настапуваше и на позајмица во Бетис, а сезонава ја почна како член на Студентски центар.
Во црногорскиот тим не сметаа сериозно на младиот Хрват, па ја прифатија неговата желба за предвремен раскин на соработката, овозможувајќиму да се врати во татковината.
„Пресреќен сум што доаѓам во Сплит, пристигнувам со желба за големи работи. Ми се укажа и можноста да ја носам седумката што своевремено беше заштитен знак на мојот идол Тони Кукоч, а сега јас ќе играм со тој број на грбот. Знам дека тоа е голема одговорност, но јас сум подготвен да ја преземам врз себе“, изјави Тишма.
Сплит по првите десет кола во АБА-лигата има скор од три победи и седум порази, еден триумф повеќе од Борац Чачак и од МЗТ Скопје, кои се наоѓаат на дното на табелата со идентични 2-8.
Хрватите со Тишма во тимот следниот четврток ќе гостуваат во Аеродром, меч што МЗТ не смее да го загуби ако сака да си ги зголеми шансите за опстанок во АБА1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА