Спонзор од Италија влегува во Академија Пандев: „За фузија со Беласица ние немаме информации!“

По елиминацијата на Академија Пандев од европската сцена, домашната фудбалска јавност сега се насочува кон веќе промовираните најави за фузија на двата струмички клуба по што името Академија Пандев згаснува од домашната фудбалска сцена, а од следната сезона во Првата македонска фудбалска лига ќе се натпреварува Беласица.

Како што е познато, од таборот на Беласица најавија дека меѓу двата клуба е веќе договорено спојување со единствен струмички прволигаш под името Беласица кој ќе се натпреварува во Првата лига.

Но, последните денови, како што дознава ЕКИПА, сопственикот на Академија Пандев, Горан Пандев е во интензивни преговори со партнер од Италија, во името на фудбалскиот клуб Брера од Милано, кој треба да го помогне клубот во битката за врвот во прволигашкото друштво и следната сезона.

И шефот на стручниот штаб на Академија Пандев, Ѓорѓе Стојчев по денешниот натпревар со Лехија Гдањск истакна дека тие во клубот имаат најава за влез на инвеститор од странство, а околу шпекулациите за фузија со Беласица немаат никакви информации.

„Ние како тим и екипа имавме состанок со Горан Пандев, кој ги демантираше сите шпекулации. Како што јас знам има најави за влез на инвеститор во Академија Пандев, кој сака многу да вложи. Сака да биде на долги патеки сета таа инвестиција, и ние секако посакуваме продолжување на патот по кој чекори овој клуб. За шпекулации како фузија и било што друго со Беласица ние немаме никакви информации“ – истакна Стојчев.

Се вчитува...