Почетокот на јануарскиот преоден рок го означи и стартот на новите шпекулации околу иднината на Филип Кутињо и неговиот трансфер во Барселона. Ливерпул засега не го промени ставот околу иднината на Бразилецот, тој инсистира по пропаднатиот летен трансфер сега да му биде дозволено да се пресели на „Камп ноу“ во јануари, а каталонските медиуми тврдат дека Кутињо испратил и јасна порака до управата на „црвените“.
Имено, според информациите на весникот „Спорт“, тој веќе ставил до знаење дека нема намера уште еднаш да го облече дресот на Ливерпул, се со цел да издејствува трансфер во јануари. Тој смета дека покажал доволна лојалност со одличните игри во последно време, постигнувајќи клучни голови на неколку натпревари. Слична беше ситуацијата и во август, кога тој се жалеше на мистериозна повреда и не настапи до крајот на преодниот рок, но тогаш „црвените“ одолеаја на иницијативата и успеаја да го задржат во своите редови. Управата засега е цврста на ставот дека летоска не му ветила на Кутињо јануарски трансфер и тој сега нема што да бара, но јасно е дека конфликтот може да ја наруши атмосферата во екипата, нешто што Јирген Клоп и клупските директори не сакаат да го дозволат.
Британските новинари кои известуваат за Ливерпул тврда дека „црвените“ му понудиле нов мега-договор на својот ас, но биле експресно одбиени, со што Кутињо јасно ставил до знаење дека својата иднина на гледа на „Камп ноу“. Барселона се уште нема испратено официјална понуда за овој преоден рок, но се шпекулира за сума од вкупно 160 милиони евра, од кои 110 би биле платени при самиот трансфер, а 50 милиони преку неколку клаузули.
Каталонските медиуми „Спорт“ и „Ел Мундо Депортиво“ и во текот на летото објавуваа низа шпекулации во врска со Бразилецот кои се покажаа како неточни, но неиграњето на Бразилецот поради „ситна повреда“ на премиерниот меч од 2018 година со Барнли ги подгреа информациите за нов „тивок штрајк“ на Кутињо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА