Спортинг со чудесен камбек до четвртфинале, заврши бајката на Боде

Спортинг Лисабон е првиот четвртфиналист во Лигата на Шампионите откако португалскиот тим се врати од работ на амбисот по негативата од три гола против Боде Глимт, по продолженија стигнувајќи до триумф од 5-0.

Од самиот почеток стана јасно дека Спортинг нема намера да се предаде, играта целосно беше преселена пред противничкиот шеснаесетник, а по неколкуте промашени шанси Португалците поведоа со голот на Инасио во 34. минута. Фудбалерите на Боде можат да жалат за промашената шанса на крајот од првиот дел, кога гредата беше сојузник на домашниот тим.

Второто полувреме мина во целосна доминација на домашниот тим, кој поведе со 2-0 со голот на Гонсалвеш по несебичната асистенција на Суарез, а токму Суарез од пенал ги постави посакуваните 3-0, резултат со кој мечот отиде во продолженија.

Само две минути беа доволни за португалскиот состав да постигне и четврти погодок, преку Араухо, што се покажа клучен за пласман во четвртфиналето. Боде тргна на се или ништо, а Нел во 121. минута стави печат на победата, изразена со конечните 5-0.

Ривал на португалскиот тим во Топ 8 фазата од Лигата на Шампионите ќе биде победниикот од двомечот меѓу Арсенал и Баер Леверкузен.

Се вчитува...