СПОРТИСТИ КОИ ЈА ОДБЕЛЕЖАА 2023 ГОДИНА: Јокиќ, Ѓоковиќ, Ферстапен, Халанд и Роналдо „кралеви“ на трофеите и на рекордите

Новак Ѓоковиќ и Никола Јокиќ од Србија, Ф1 пилотот Марк Ферстапен од Холандија, Ерлинг Халанд со Манчестер Сити и Кристијано Роналдо, пред се поставувајќи рекорд(и) со својата Португалија, се петте спортисти кои ја одбележаа 2023 година.

Рекордите на Новак Ѓоковиќ кои ги постави во изминатите 12 месеци се импресивни. Му недостасуваше само титулата на Вимблдон за да ги комплетира сите четири грен слем титули, но таму загуби во финалето од Карлос Алкараз.

Ѓоковиќ и на своите 35 години дојде до неколку рекорди, и со тоа стана најдобар тенисер на сите времиња. Рекордите кои ги постави Новак:

-377 недели како првопласиран на АТП листата
-го надмина рекордот со најмногу освоени Грен слем титули (24)
-постави рекорд во учества на Грен слем финалиња (36)
-го надмина рекордот на полуфиналиња на Грен слем турнирите (47)
-стана прв тенисер кој освои три Грен слем титули во една година
-стана рекордер на освоени АТП трофеи на седум
-постави рекорд со најмногу години завршени како првопласиран на АТП листата (8)

НБА лигата во 2023 година беше во знакот на Никола Јокиќ. Србинот постави неколку рекорди, на крајот му донесе прва историска титула на Денвер, и стана МВП на плеј-офот. Претхоно му беше нанесена неправда откако не беше прогласен за МВП на сезоната, но тоа како да го мотивираше, па го однесе својот тим до трофеј. Тоа признание му беше доделено на Џоел Ембид. Денвер со 4-1 го совлада Мајами во финалната серија. Јокиќ низ целата сезона постигна 600 поени, забележа 190 асистенции во сезоната, имаше 269 скока, и одигра 789 минути.

Макс Ферстапен беше доминтантен во Формула 1 сезоната, и ја направи здодевна за останатите пилоти. Тој победи на 19 од 22 трки во целата сезона, или се искачи на подиумот на 21 од нив. Само на една го освои петтото место, и така со неговиот Ред Бул се искачи на тронот, а на својот тим му ја донесе титулата  во конструктори. Верстапен стана првиот возач со 19 победи во кариерата, и со 10 последователни победи. Постави рекорд од процент на победи во една сезона (86.36%) и со број на пиедестали во една сезона (21). Исто така освои и најмногу поени во историјата за една сезона, а беше рекордер со тоа што ја заврши целата сезона без да испадне од некоја трка, односно ги комплетираше сите 22 патеки. Ферстапен го сруши рекордот и по број на спринтови во сезоната (четири), како и по број на хет-трик победи во сезоната (6).

Само една сезона откако направи трансфер од Борусија Дортмунд во Манчестер Сити, Ерлинг Халанд веќе освои се што можеше да се освои. Халанд со Сити го подигна трофејот во Премиерлигата, ФА Купот и во Лигата на шампионите, а потоа и во УЕФА Супер-купот и во Светското клупско првенство, и покрај тоа што на ова последното натпреварување не играше поради повреда. Халанд беше рекордер по бројот на постигнати голови во ЛШ 12, даде 36 гола во Премиерлигата, а не беше најдобар стрелец само во ФА Купот. Во финалето на ЛШ, Манчестер Сити го совлада Интер со 1-0, додека во финалето на ФА Купот, Сити триумфираше против градскиот ривал Јунајтед со 2-1.

Кристијано Роналдо е петтиот спортист кој ја одбележа 2023 година. Не поради освоени трофеи, туку поради уривање на рекорди со националниот тим на Португалија. Роналдо го зголеми бројот на постигнати голови за репрезентација (128), и тешко дека некој ќе го достигне овој рекорд.

Роналдо оваа 2023 година дојде до 205 натпревари за Португалија, а неговата репрезентација обезбеди пласман на ЕП 2024 година без ниту еден изгубен бод. Со овие 205 меча, напаѓачот стана рекордер по број на настапи на еден фудбалер за својот национален тим, надминувајќи го Бадер Ал-Мутава од Кувајт кој имаше 196 меча. Португалецот постигна и најмногу голови во една година 54, или два повеќе од Хари Кејн и Килијан Мбапе.

Се вчитува...