Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, на почетокот на април ги повика спортистите, спортските работници и администрацијата да се пријават за финансиска помош од државата во износ на минимална плата од 14.500 денари за април и за мај, како дел од владините мерки за справување со кризата што ја предизвика пандемијата на коронавирусот. Вонредната состојба во државата комплетно го сопре спортот, а оваа финансиска помош требаше барем малку да ги санира финансиските штети. Но, Дарко Каевски тогаш не соопшти дека ќе изготви листа како за отстрел со имињата на сите кои ќе ја користат мерката и јавно ќе ја објави на официјалниот сајт на Агенцијата за млади и спорт.
Вкупно 855 спортисти, спортски работници и клупска администрација се најдоа на листата и доживеаја јавно бламирање за 13.050 денари (за април), а веројатно истото ќе биде повторено и за мај, доколку дел од нив не се повлечат затоа што веќе се посрамени и „жигосани“ само дека добиле (скромна) државна помош во услови на пандемија.
Меѓу нив се и многу познати имиња од македонскиот спорт како Пепи Манасков, Индира Кастратовиќ, Стевче Алушовски, Перо Блажевски, Тони Симиќ, актуелни фудбалски репрезентативци Дамјан Шишковски, Ристо Јанков, Димитар Тодоровски…Сакајќи веројатно да даде отчет каде се потрошени околу 185.000 евра (за април), директорот Дарко Каевски јавно ги понижи спортистите кои самиот ги повика да се пријават за помош. Досега ниту еднаш Агенцијата за млади и спорт не објави на сајтот листа на личен доход на вработените, на чело токму со Дарко Каевски, иако и тие се финансирани, и тоа редовно, секој месец, од државниот буџет.
Со надеж дека „жигосувањето“ нема да продолжи и во мај…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА