Во 2026 година две македонски репрезентации сигурно ќе настапат на континенталните собири (РАКОМЕТ И ОДБОЈКА), фудбалерите повторно ќе играат бараж за пласман на Светското првенство, додека кошаркарите од дното ги продолжуваат претквалификациите за Евробаскет 2029 година.
На меѓународната сцена дефинитивно број 1 настани ќе бидат Зимските олимпски игри во Милано-Кортина и Светското првенство во фудбал во САД, Канада и Мексико.
РАКОМЕТ ЕП 2026 (ДАНСКА, НОРВЕШКА, ШВЕДСКА) 15. ЈАНУАРИ – 1. ФЕВРУАРИ 2026
Машката ракометна репрезентација на Македонија ќе настапи на Европското првенство 2026 година, кое се одржува од 15. јануари до 1. февруари во Данска, Норвешка и Шведска. Нашата селекција е сместена во Група Б во Хернинг (Данска), заедно со домаќинот и светски првак Данска, Португалија и Романија.
Под водство на селекторот Кирил Лазаров, нашата репрезентација цели барем второ место во групата. Од секоја од шесте групи во прелиминарната рунда напредуваат првите две репрезентации во главната рунда (вкупно 12 екипи), каде се носат бодовите од меѓусебните дуели од групата.Ова е деветто последователно ЕП за Македонија
Распоред на натпревари на Македонија на ЕП:
*16 јануари: Данска – Македонија (20.30)
*18 јануари: Македонија – Португалија (18.00)
*20 јануари: Македонија – Романија (18.00)

ЗОИ 2026 (МИЛАНО – КОРТИНА Д’АМПЕЦО) 6. ФЕВРУАРИ – 22. ФЕВРУАРИ 2026
Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026 ќе се одржат од 6. до 22. февруари 2026 година во Италија, со натпревари во Милано, Кортина д’Ампецо и други локации во Алпите и Доломитите. Ова ќе биде спектакуларно издание со 116 медални настани во 16 дисциплини, вклучувајќи деби на ски алпинизам (ski mountaineering). Отворањето ќе биде на стадионот „Сан сиро“ во Милано, а затворањето во античката арена во Верона. Над 2.900 спортисти од целиот свет ќе се борат за одличја од алпско скијање, уметничко лизгање, хокеј и биатлон. Македонија ќе биде претставена со неколку спортисти во алпско скијање и крос-кантри.
КОШАРКА КВАЛИФИКАЦИИ ЕП 2029 (ЕСТОНИЈА, ГРЦИЈА, СЛОВЕНИЈА, ШПАНИЈА) ФЕВРУАРИ/МАРТ – ЈУЛИ 2026
Кошаркарската репрезентација на Македонија во 2026 година ги продолжува претквалификациите за пласман на ЕП 2029 кое ќе се игра во Естонија, Грција, Словенија и Шпанија. По победите над Азербејџан и Р. Ирска, Македонија ја чекаат уште четири меча кои ќе се играат во два прозорци во февруари и јули 2026 година.
Распоред на натпревари на Македонија во претквалификации за ЕП:
*27 февруари: Македонија – Луксембург
*02 март: Азербејџан – Македонија
*02 јули: Македонија – Р. Ирска
*05 јули: Луксембург – Македонија

БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2026 (САД, КАНАДА, МЕКСИКО) 26. МАРТ – 31. МАРТ 2026
Машката фудбалска репрезентација на Македонија ќе игра бараж за пласман на Светското првенство 2026 во патеката Д на УЕФА, каде прв ривал е силната Данска.Распоредот на баражот во Патека D (сите натпревари се единечни, win-or-go-home):
Полуфинале – 26 март 2026 (20.45 часот):
Данска – Македонија
Финале – 31 март 2026 (20.45 часот):
Победник од (Чешка – Република Ирска) – Победник од (Данска – Македонија)

СП 2026 (САД, КАНАДА, МЕКСИКО) 11. ЈУНИ – 19. ЈУЛИ 2026
Најголемиот настан во 2026 година дефинитивно ќе биде Светското првенство кое што ќе се игра во САД, Канада и Мексико. За првпат дури 48 репрезентации ќе бидат дел од еден Мундијал, а по се што е најавувано очекуваме голем спектакл. Македонија се уште е во игра за пласман на Мундијалот, а доколку го минеме баражот таму ќе се најдеме во група со Мексико, Јужна Кореја и Јужна Африка.
ОДБОЈКА ЕП 2026 (БУГАРИЈА, ФИНСКА, ИТАЛИЈА, РОМАНИЈА) 9. СЕПТЕМВРИ – 26. СЕПТЕМВРИ 2026
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија успешно се квалификуваше за Европското првенство 2026 кое се одржува од 9. до 26. септември 2026 година во четири земји: Бугарија, Финска, Италија и Романија.
Нашата селекција е сместена во групата Б во Софија (Бугарија), заедно со домаќинот и светски вицепрвак Бугарија, актуелниот европски првак Полска, Португалија, Украина и Израел. Ова е четврти настап во низа за нашата селекција, а во следната фаза поминуваат најдобрите четири репрезентации од секоја од четирите групи.
Распоредот на натпреварите од прелиминарната рунда за Македонија:
*9 септември: Бугарија – Македонија (19.00)
*11 септември: Украина – Македонија (16.00)
*13 септември: Македонија – Полска (19.00)
*15 септември: Македонија – Португалија (16.00)
*16 септември: Македонија – Израел (16.00)

ЛИГА НА НАЦИИ – СЕПТЕМВРИ – НОЕМВРИ 2026
Машката фудбалска репрезентација на Македонија ќе настапи во Лига Б на УЕФА Лига на нации 2026/2027, по освоеното прво место во групата во Лига Ц минатата сезона. Лига Б има 16 репрезентации, поделени во четири групи по четири репрезентации. Секоја екипа игра 6 натпревари (дома-гостин). Ждрепката за групите е закажана за 12. февруари 2026 година.
Македонија ќе биде во четвртиот шешир заедно со Шведска, Северна Ирска и Косово.
Можни ривали од другите шешири:
Шешир 1: Шкотска, Унгарија, Полска, Израел
Шешир 2: Швајцарија, БиХ, Австрија, Украина
Шешир 3: Словенија, Грузија, Република Ирска, Романија
Распоред на лигашката фаза:
Натпревари 1-4: септември – октомври 2026
Натпревари 5-6: ноември 2026
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

