Спортски лузери за 2021: Барселона, Хамилтон, Ѓоковиќ…

Календарската 2021 година со сигурност многумина ќе сакаат да ја заборават. Финансиската криза предизвикана од Ковид-19 зема голем замав низ спортска Европа, а ова особено го почувствува Барселона. Против судбината никој не може, па Кун Агуеро беше приморан предвремено да ја заврши својата кариера.

ЕКИПА ги издвојува спортските лузери за 2021 година.

Криза во Барса, сите го гледаат спасот во Чави

Барселона и дефинитивно по лошо ќе ја памети 2021-та година, имајќи предвид дека овој клуб за 12 месеци потона во голема и тешка финансиска криза, а истата резултираше со заминување на најголемата легенда на Каталонија, Лионел Меси, кој одлучи својата кариера да продолжи во ПСЖ. Претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапорта не пронајде начин да ги реши финансиските проблеми, па по заминувањето на Меси, Барса никако не можеше да се состави. Евидентни беа слабите резултати во Лигата на шампиони, турнир од кој Барселона беше елиминирана, па надежта за евентуален трофеј сега ќе ја бара во Лигата на Европа. Челниците на тимот од Каталонија донесоа одлука да му дадат отказ на холандскиот тренер, Роналд Куман, кој забележа серија на лоши резултати на домашен и гостински терен. Некогашната доминација на Барселона оваа сезона исчезна во целост, па првиот дел од сезоната во Ла Лига го заврши на седмата позиција со 28 освоени бода. Легендата на Барселона, Чави Хернандез веќе седна на тренерската клупа, па сите фанови очекуваат „воскреснување“ на фудбалскиот гигант во неговиот мандат.

Среќата му го сврте грбот на Хамилтон

Макс Ферстапен е новиот шампион на Формула 1 откако возачот на Ред Бул во една од најинтересните трки во историјата на овој спорт успеа да го мине Луис Хамилтон во последниот круг и да го освои првото место на трката во Абу Даби. Досегашниот светки првак има за што да жали ако се знае дека Хамилтон водеше од првиот до последниот круг, но среќата му го сврте грбот откако по излетувањето на Латифи на патеката влезе сигурносно возило, кое ја истопи неговата предност и му овозможи на Ферстапен да го мине во самиот финиш од трката. Прекината е доминацијата на Британецот, но Луис Хамилтон и понатаму останува на седум освоени титули во Ф1.

Ѓоковиќ „изгоре“ во желбата да испише историја

Првиот светски тениски рекет во моментов, Србинот Новак Ѓоковиќ „изгоре“ во желбата да испише историја – прв да дојде до 21. гренслем титула во кариерата (Надал и Федерер имаат по 20) и по цели 52 години (1969 години, Род Лејвер) да ги комплетира сите четири гренслем турнири во една календарска година. На патот му застана младиот руски тенисер, Данил Медведев (25), втор на АТП листата. Во финалето на САД опен, на „Артур Еш“ стадионот во Њујорк, Русинот прикажа мудра игра и со убедливи 3-0 (по сетови 6-4, 6-4 и 6-4) за нешто повеќе од два часа игра го победи фаворитот, а самиот испиша историја – прв грен слем трофеј во неговата кариера. Ѓоковиќ изминатава година не успеа да дојде и до толку посакуваниот златен медал на ЛОИ во Токио, останувајќи воопшто без медал.

Ништо не може против судбината, Агуеро замина во пензија

Серхио Агуеро замина во Барселона со цел да ја продолжи својата кариера, но како гром од ведро небо одекна веста од лекарскиот тим дека Аргентинецот има сериозни здравствени проблеми и мора да ја заврши професионалната фудбалска кариера. Серхио официјално објави пред јавноста дека ја завршува фудбалската кариера во 33. година од животот. Фудбалерот на Барселона се расплака во емотивната објава, велејќи дека здравјето е на прво место и дека мора да престане да игра поради проблеми со срцето. Дека има нарушено здравје беше евидентирано среде натпревар за Барселона, поради што мораше да го напушти теренот. Прегледите потврдија дека ситуацијата е таква што би било ризично да продолжи да се занимава со овој спорт.

„Решив да престанам да играм фудбал. Ова е тежок момент за мене, во прашање е моето здравје. Сакам да им кажам на сите дека направив сè што е можно. Отсекогаш сонував да играм фудбал, уште од својата петта година. Сакам да ја споделам мојата благодарност до сите, без разлика каде сум играл, Атлетико Мадри,.Манчестер Сит, Барса…“ беа дел од зборовите на Агуеро на прошталната прес-конференција.

Се вчитува...