СПОРТСКИ МОМЕНТИ ВО 2025 – Фитиљот против Австрија, грчка срамота и битолска титула во Скопје, ЕМОФ и Столе Стоилов

Изминатата 2025 година донесе големи возбудувања на борилиштата во Македонија. На крајот на календарската година ЕКИПА.МК ви ги издвојува најинтересните и највозбудливи настани кои што се случија на нашата држава.

Голот на Кузмановски против Австрија, грчката срамота во Скопје, организацијата на ЕМОФ, заминувањето на Столе Стоилов од Вардар и освојувањето на големата титула на Пелистер во СЦ „Јане Сандански“ се настаните кои што ја одбележаа 2025 година во мак-спортот.

ГОЛОТ НА КУЗМАНОВСКИ ПРОТИВ АВСТРИЈА 

Новата генерација на ракометната репрезентација на Македонија одигра одлично Светско првенство на кое што малку среќа ни недостигаше и пореални одлуку на судиите (мечот со Холандија) за нашите момци да направат уште подобар резултат. Дефинитивно најмногу ќе се помни трилер мечот со Австрија кој заврши без победник 29-29. Австрија го реализираше последниот напад на четири секунди до крајот, Лазаров зеде тајмаут, а потоа Кузмановски капитенски презеде одговорност и со гол од над 12 метри ги израдува членовите на „фалангата“ во арената во Вараждин.

ГРЧКА СРАМОТА ВО СКОПЈЕ

Очекуваниот реванш-меч од финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу македонскиот РК Алкалоид и грчкиот АЕК Атина, закажан во Скопје, не се одигра гостите поради нивни причини не сакаа да излезат на теренот. Првиот натпревар, одигран во Атина, го доби Алкалоид со 25-29, со што македонскиот тим влезе во реваншот со предност од четири гола и блиску до историски европски трофеј.

Сепак, натпреварот во Скопје беше откажан откако грчката екипа одби да излезе на теренот. Официјалните причини беа дека тие не се чувствуваат сигурно да излезат на теренот во Скопје и дека бојкотираат бидејќи не им беше дозволено повеќе од 200 нивни навивачи да влезат во салата „Борис Трајковски“. ЕХФ соопшти дека мечот е откажан „поради безбедносни причини“ и дека дополнителни информации за понатамошните постапки ќе бидат објавени во наредните денови. Оваа ситуација предизвика големо разочарување кај македонските навивачи, кои со нетрпение го очекуваа историското финале. Алкалоид, предводен од тренерот Кирил Лазаров направи голем успех стигнувајќи до финалето на третото европско натпреварување, а целата требаше да биде крунисана на терен со подигнување на трофејот. Сепак, тоа не се случи Алкалоид на крајот ја подигра титулата на „зелена маса“, АЕК си заработи суспензија од ЕХФ, но и срам со кој вечно ќе биде одбележан грчкиот тим.

ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЕМОФ ВО СКОПЈЕ

Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025, одржан од 20 до 26 јули 2025 година, беше најголемиот мултиспортски настан во Македонија. Скопје, заедно со Куманово и Осиек (Хрватска), беше домаќин на над 4.000 млади спортисти (на возраст од 14 до 18 години) од 50 европски делегации, вклучувајќи и тим на бегалци. Учествуваа околу 700 волонтери и илјадници гледачи, кои создадоа незаборавна атмосфера на пријателство, единство и олимписки дух. Фестивалот официјално беше отворен на 20 јули во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје со церемонија, на која се обратија претседателот на Европските олимписки комитети (ЕОК) Спирос Капралос и претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, која го прогласи ЕМОФ за отворен.

Официјалната химна „Together We Shine“ и маскотата Shiny (сонце што симболизира топлина и единство) го обележаа настанот. Натпреварите се одвиваа во рекорден број од 15 спортски дисциплини: атлетика, пливање, џудо, ракомет, одбојка, кошарка (класична и 3×3), тенис, велосипедизам, гимнастика, таеквондо, стрелаштво, бадминтон, кајак-слалом и други. Повеќето натпревари беа во Скопје (арени како „Борис Трајковски“, „Јане Сандански“ и атлетскиот стадион), дел во Куманово, а гимнастиката во Осиек.

Сепак и многу проблеми го следеа овој настан. Големата топлина во дел од салите, лошите соби за натпреварувачите во дел од сместувачките објекти беа главна тема во македонските медиуми како и голем број препукувања меѓу Министерството за спорт на Македонија и Македонскиот олимписки комитет.

На табелата со медали Италија го зазеде првото место со 19 златни, 19 сребрени и 12 бронзени медали, проследена од Франција (15 злата) и земји како Шпанија, Турција, Велика Британија, Полска и Унгарија (по 10 злата). Македонската делегација од 181 спортист учествуваше во сите дисциплини, стекнувајќи драгоцено искуство, иако без медал.

БИТОЛСКО СЛАВЈЕ СРЕДЕ СКОПЈЕ 

Во незаборавен ракометен спектакл во преполната сала „Јане Сандански“ Е. Пелистер го совлада вечниот ривал Вардар со 30-32 и ја освои деветтата шампионска титула во македонскиот ракомет, односно третата по ред. Ова беше вистинско дерби достојно за финале – натпреварот кој директно решаваше за тронот во Суперлигата. Вардар влезе во мечот со предност во меѓусебниот скор, па дури и реми ќе им донесеше титула, а битолчани немаа друга опција освен победа. И тие ја остварија на најубав можен начин на гости, пред скопската публика! Првото полувреме му припадна на домаќинот. Вардар поведе со високи 15-10, а на пауза замина со 17-15. Сепак, во второто полувреме Пелистер се разбуди и со фуриозна завршница стигна до голема победа 30-32.

Оваа победа дополнително беше историска бидејќи Пелистер првпат врза три титули по ред, потврдувајќи ја доминацијата во македонскиот ракомет. Битолското славје сред Скопје ќе се памети долго не само во градот на конзулите, туку и во главниот град на Македонија.

ФОТО: Роберт Спасовски (ЕКИПА)

СТОИЛОВ ГО НАПУШТИ СВОЈОТ ВАРДАР 

Една од најголемите легенди на македонскиот ракомет, Стојанче Стоилов, во годината што заминува го напушти РК Вардар по 14 години верна служба во црвено-црниот дрес и на клупата. Оваа вест предизвика големо разочарување кај навивачите на „црвено-црните“, кои Столе го сметаат за вистински симбол на клубот. Стоилов помина 13 сезони како играч, каде како пивот и капитен беше клучна фигура во златните денови на Вардар – освојувањето на две титули во Лигата на шампионите (2017 и 2019), повеќе домашни шампионати и купови, како и трофеи во СЕХА лигата.

По завршувањето на играчката кариера во 2023 година, тој остана во клубот како помошен тренер, но летово 2025 донесе крај на соработката. Причината за заминувањето е одлуката на раководството да го именува Хрватот Иван Чупиќ за нов шеф на стручниот штаб, наместо Стоилов, по заминувањето на Гиљермо Милано. Оваа одлука, според извори блиски до клубот, го разочара Стоилов и ја прели чашата по долгогодишната посветеност.

„Стојанче Стоилов е икона на Вардар и за него секогаш има место во клубот“, изјавија од раководството. По заминувањето, Стоилов е дел од стручниот штаб на македонската репрезентација кај селекторот Кире Лазаров со која ќе настапи на Европското првенство овој јануари. Навивачите на Вардар преку социјалните мрежи изразија огромна благодарност кон Столе за сè што дал за клубот. „Ти си Вардар!“, „Легенда засекогаш!“ – беа само дел од пораките.

Се вчитува...