СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ (4): Кои се голмани од Југославија бранеа во Вардар – Драган Мутибариќ беше и остана легенда

Покрај него, голот на Вардар го чуваа Кајганиќ, Симеуновиќ, Шаренац, Мехмети , Живановиќ, Мариќ, Стојановиќ, Симов.

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Во својата седумдесетгодишна богата историја Вардар секогаш имал добри голмани, порано репрезентативци на Југославија, a од 1991 на денешна Северна Македонија. Крајот на нашиот серијал кои беа фудбалерите од поранешните југословенски републики кои го носеа дресот на Вардар, ќе го завршиме со голманите, меѓу кои има познати имиња и кои заслужуваат да се потсетиме на нив. Да почнеме со првиот „странски голман“ како што ги нарекуваа тогаш. Тоа беше Давор Шушиќ, кој дојде од Динамо /Винковци/ во сезоната 1956/57. Но тој не успеа да обезбеди првотимскиот статус покрај Љубомир Цветковски-Жмара. Бранеше само на 4 пријателски средби, си ги спакува куферите и си замина од Скопје.

Цели десет години по него во Вардар немаше дојдено голман од други републики. Дури во сезоната 1966/67 на голот на Вардар застана неговата легенда, незаборавниот Драган Мутибариќ, чии паради се уште се паметат. Беше и остана миленик на вардаровите навивачи, за Вардар одигра 461 натпревар, од кои 265 првенствени. Беше втор голман од Вардар, по Видиниќ кој бранеше и за репрезентацијата на Југославија. Имаше 10 настапи. Во Вардар дојде од Срем, го бараше Партизани и прилепска Победа, многу му ветуваа, но тој сепак се одлучи за Вардар и сигурно не згреши бидејќи во неговиот дрес доживеа полна афирмација како одличен голман. Впрочем четири пати беше на листата на десетте најдобри спортисти на Македонија, во 1969 и најдобар.

Можеби за читателите ќе биде интересен првиот состав на Вардар за кој Мутибариќ бранеше кога дојде во Скопје: Мутибариќ, Дробац, Сребров, Плачков, Дојчиновски, Д. Георгиев, Врбица, Ковачевски, Шулинчевски, С. Мојсов, М. Спасовски.

Неговата кариера траеше долго, не залудно велат, голманите се како вино, колку се постари, толку се и подобри. Од Вардар замина во германскиот бундеслигаш Шалке 04, потоа за Трепча, одново во Вардар, потоа во Тетекс, Македонија /Ѓ.П/, Скопје, а кариерата ја заврши во Микрогранулат од Гостивар, кога имаше полни 49 години.
Остана со сопругата и синот да живее во Скопје, беше тренер на голманите на Вардар до пензионирањето, а една година и во белградскиот клуб Обилиќ.
Приказната за еден од најдобрите голмани на Вардар ќе ја завршиме со неговата сегашна мошне лоша здравствена положба. Беше извесно време во болница, доби мозочен удар, тешко се движи, речиси никако. Очекуваше извесна финансиска помош, барем за скапите лекови /пензијата не му е голема/, од својот клуб Вардар, на кого му има многу дадено, но досега ништо од тоа, ниту пак некој од раководството го има посетено. Аплицирал за награда што се доделува на признати и познати спортисти пред Агенцијата за млади и спорт, но и тука како да е заборавен.

Кога сме веќе кај Драган Мутибариќ, да спомнеме дека и неговиот син Слободан Мутибарик, бранел за Вардар на 4 првенствени и 42 пријателски средби.
По Драган Мутибариќ на голот на Вардар почнаа да се редат голмани од Црвена звезда и Србија. Прв е Бошко Кајганиќ, кој по Вардар бранеше за турскиот Галатасарај, но кусо, бидејќи загина во сообраќајна несреќа. За Вардар бранеше на 34 првенствени и 32 пријателски натпревари.

Драган Симеуновиќ дојде од Трепча, пред тоа бранеше за Раднички од Ниш. Во дресот на Вардар бранеше на 63 натпревари, од кои 32 првенствени. Деливое Шаренац беше познат голман на Пролетер од Зрењанин пред да дојде во Вардар. Настапи на 98 натпревари, од кои 56 првенствени. Есад Мехмети, пред тоа голман на Приштина не остана долго во Скопје. Само 1 првенствен меч и 7 пријателски.

И Горан Живановиќ беше голман на Црвена звезда, бранеше солидно во Вардар. Запиша вкупно 40 средби, од кои 24 првенствени. Почина во Белград од карцином.
Последните двајца голмани кои дојдоа во Вардар од поранешна Југославија беа Горан Мариќ од Јавор /Ивањица/ и Боривое Драгачевац од Рудар /Костолац/. Мариќ кој од Вардар замина во Пелистер имаше само 4 првенствени и 6 пријателски средби, Драгачевац пет со пет.

Интересен е и списокот на голмани, сега веќе странци бидејќи повеќе не постои Југославија, сега е Македонија самостојна држава Да почнеме со Зоран Стојановиќ, кој бранеше и за Црвена звезда и Раднички од Ниш, беше на голот на Вардар на 15 натпревари во сезоната 1998 година. Игор Павловиќ од Динамо / Врање/ прво бранеше за Македонија, потоа за Вардар. Велимир Здравковиќ дојде во 2005 година од Дубочица. Бранеше на 7 првенствени и 7 пријателски средби.

Навивачите на Вардар веќе и не се сеќаваат на Дејан Милиќ, кој дојде 2013 година одигрувајќи 3 меча во дресот на Вардар. Бранеше пред тоа за Триглав од Трбовлје и за кипарска Салимина. Тој е единствен играч од Словенија кој го облекол дресот на Вардар во неговата историја.

Серијалот го завршуваме со едно познато голманско, сега тенерско име Горан Симов, сегашниот тренер на Силекс. Беше на голот на Вардар од 2010 до 2013 година. Според неговата евиденција има околу 70 настапи за „црвено- црните.“ Пред да дојде во Македонија беше голман на белградскиот клуб Хајдук. Тој не потсети и на составот за кој бранел кога дојде во Вардар. Симов, М.Илиевски, Цикарски, Бојовиќ, Вајс, Таневски, Степановиќ, Иваноски, Костовски /Стојановиќ/, Хименез, Петров /Лико/.

Можеби сме пропуштиле некое име, но тука се нашите читатели да не потсетат за да ја комплетираме листата на фудбалери и голмани кои настапувале за Вардар од поранешна Југославија. Период од 70 години откако е формиран е сепак долг за да се паметат сите, особено што во сегашниот Вардар нема некоја документација за нив.

Се вчитува...