Голема е тагата меѓу сите љубители на фудбалот во Италија во знак на почит на Луиѓи Џиџи Рива, еден од најдобрите фудбалери во историјата на оваа земја кој почина на 79 годишна возраст поради проблеми со срцето. Џиџи Рива 15 години беше стандарден играч на италијанскиот прволигаш Калјари, негов капитен и најдобар стрелец. Во дресот на Калјари има одиграно 574 натпревари, постигнал 208 гола. По завршувањето на неговата активна кариера, Калјари го повлече дресот со број 11 што тој го носеше и никој повеќе од играчите на Калјари не го облече. До својата смрт тој беше и почесен претседател на клубот. За италијанската репрезентација, на која едно време беше и капитен, Џиџи Рива, како популарно го викаа навивачите, има одиграно 42 натпревари постигнувајќи рекордни 35 гола. Настапил и на две светски првенства, во Мексико 1970 и во Германија 1974/сребрен медал/, како и на европското првенство 1968 година, златен медал. Рива цели 25 години, откако фудбалски се пензионира беше и директор на италијанската фудбалска федерација. Тоа е накратко биографијата на Луиѓи Џиџи Рива, фудбалер кој ја испиша историјата на фудбалот во Италија.
Можеби ќе биде интересно, особено за помладите љубители на фудбалот, да напишеме дека токму тој Џиџи Рива, играше во дресот на Калјари против Вардар на Градскиот стадион во Скопје на 13 март 1968 година во полуфиналето на тогашниот Средноевропски куп. И тоа во годината кога Калјари стана вицешампион на Италија. Пред преполни трибини, кои во тоа време собираа околу 20.000 гледачи, Вардар неочекувано го победи Калјари со 1:0 со голот на Мето Спасовски. Колку само се радуваа навивачите на Вардар по мечот на оваа голема победа бидејќи Калјари беше име во светскиот фудбал. Џиџи Рива, колку и да се трудеше,не успеа да ја затресе мрежата на Мутибариќ, кој беше јунак на мечот заедно со стрелецот на голот М.Спасовски. Авторот на овој текст, кој тогаш беше новинар во спортската рубрика на „ Нова Македонија“, беше задолжен да собере изјави од играчите на Вардар. Сите до еден беа пресреќни,не веруваа дека победиле, но и сите беа единствени во изјавите. Ова е победа на Драган Мутибариќ кој бранеше и невозможни топки.
Драган Мутибариќ, со своите одбрани ги „збудале“ навивачите и играчите на Калјари во реваншот на 27 март. И на овој меч, повторно сензационална победа на Вардар среде Калјари одново со 1:0, со голот на прилепчанецот кој тогаш играше за Вардар, Симон Велкоски во финишот на натпреварот
-Во мојата кариера имам одиграно многу натпревари и во Првата и во Втората лига на поранешна Југославија,имам видено многу голмански одбрани, но такви какви што ги имаше популарниот Муто во Калјари, не сум видел. Тоа беше нешто невидено, деведесет минути се играше во нашиот шеснаесетник,не можеа да ни дадат гол, се сеќава на овие мечеви Атанас Мечкаров кој беше дел од тимот на Вардар на овој меч. Кога при крајот на натпреварот, ние постигнавме гол, не можеа да веруваат дека го загубиле. Самиот Џиџи Рива, како вистински спортист дојде во нашата соблекувална и му честиташе на Мутибариќ за неговите одбрани.
На овие два натпревари Вардар играше во состав: Мутибариќ,Дробац, Рац, Д.Георгиев, Мечкаров, Плачков, М.Илиевски,С.Мојсов /Дончиќ/, Шулинчевски /Ковачевски/, С.Велковски, М.Спасовски.
Пред овој натпревар Вардар го елиминираше во Средноевропскиот куп Ласк од Австрија со 2:0 и 0:0, а потоа беше елиминиран од Спартак /Трнава/. Во Скопје беше 0:0, во Трнава 4:1 за Спартак. Овие две победи на Вардар против Калјари, сигурно се едни од најзначајните во неговата богататрофејна историја.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА