СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Ед Јовановски – најзвучното македонско име во светот на хокејот, легендата на Канада!

Пишува:

Миодраг Мицковиќ

Потсетувајќи се на најуспешните спортисти на светот кои потекнуваат од Македонија неизбежно е името на  Ед Јовановски, репрезентативец на Канада во хокеј на мраз, сопственик на златен олимписки медал, сребрени од светските првенства и светскиот куп. Зад неговото име, во неговата  богата спортска  биографија, стои импозантен податок, 4о  настапи за репрезентацијата на Канада, седум за младата селекија, дури 741 настапи во разни клубови во најсилната хокеарска лига во Канада.

За помладите љубители на спортот, особено на хокејот, непознато име, за постарите кои се сеќаваат на неговите блескави настапи на Олимпијадата 2002 година во американскиот град Солт Лејк Сити кога Канада  во финалето ја победи селекцијата  на САД со 5-2 што беше воедно и прва победа на Канада по 7о години против САД на еден финален меч на ЛОИ. Беше секогаш во центарот на вниманието и на светските првенства, роден голгетер, силен, брз и вешт со пакот, незадржлив. Сега веројатно читателите на „ЕКИПА“ со право ќе го постават прашањето, од каде потекнува Ед Јовановски, каде е роден, зошто го носи презимето Јовановски?

Постарите жители на Јегуновце кај Тетово се уште го паметат неговиот татко Костадин кој беше фудбалер, стандардно играше за Тетекс, подоцна и за Југохром. Неговиот дедо Стојко исто така има играно за Југохром, долги години потоа беше и негов економ. Во далечната 1973 година таткото Костадин се преселил во Канада, во градот Виндзор, каде 1976 година е роден Ед.

Неверојатна кариера – златен олимписки медал, сребро од Светско првенство

Ед Јовановски, по многуте хокеарски настапи за најдобрите канадски клубови и репрезентацијата, денес живее со семејството на Флорида во Америка. Кариерата ја започнал 1994 година во клубот Флорида Пантерс, за да три години подоцна на драфтот, како еден од најперспективните млади играчи во Канада  биде избран од Ванкувер Канок. Кариерата ја заврши во екипапата на Феникс за која потпиша петгодишен договор вреден 32.5 милиони долари. Беше еден од најскапите играчи во Канада, популарен е и денес иако повеќе не игра. Минатата година беа отпечатени џепни новогодишни календари со неговите фотографии, во дресот на репрезентацијата на Канада. Веќе напишавме дека има златен олимписки медал од 2002 година, требаше да настапи и на Олимпијадата 2оо6 година но поради повреда мораше да го откаже учеството. Во неговата колекција на медали има и еден златен, две сребрени и еден бронзен медал од светските првенства и светскиот куп.

Интересна е и приказната на познатиот спортски коментатор Зоран Михајлов, кој заедно со група новинари од Македонија се сретнале со Ед Јованоски на Олимпијадата во Солт Лејк Сити.

„Пред да заминам на Олимпијадата во Солт Лејк Сити подготвувајќи се за преносите, посебно внимание му посветив на хокеарскиот турнир. Тоа беше и нормално, бидејќи хокејот на секоја Зимска олимпијада го привлекува најголемото внимание. Особено што се очекуваше финален дуел меѓу САД и Канада и тоа на лизгалиштето во Аметика. Освен тоа и наши љубители на хокејот го очекуваа почетокот на турнирот и беа наклонети кон репрезентацијата на Канада  бидејќи во тоа време во нејзините редови играше Ед Јовановски, играч со македонско потекло, кој имаше извонредна кариера, беше еден од најпознатите бекови во американско-канадската професионална лига“ – се потсетува Михајлов и дополнува:

„Сакајќи да дознаам нешто повеќе за него, стапив во контакт со неговиот татко Костадин кој во тие олимписки денови беше во домот на синот во Ванкувер, бидејќи Ед играше за тој клуб. Костадин го познавав уште од неговите фудбалски денови кога играше за Тетекс. Од него го добив  телефонскиот број на Ед и веднаш потоа му се јавив. Беше пријатно изненаден, сакаше да се видиме и запознаеме. И така беше. На првата прес-конференција се запознавме, заедно со колегата Зоран Видевски, со кого ги коментиравме олимписките настани. Се  договориме да  му се јавам ако ми бидат потребни некои информации од таборот на канадската репрезентација. Му посакав успех со зборовите, дека љубителите на хокејот во Македонија навиваат за Канада поради него и неговото македонско потекло“.

Во финалето, Канада ја победи селекцијата на САД со 5-2…

„Во таа голема мешаница на прес конференцијата кога новинарите буквално се нафрлија на Ед Јовановски, кој во финалето одигра феноменално, немав многу време за разговор, но ми рече кога сакам да дојдам во олимпиското село, сакаше за спомен да ми ја даде неговата хокеарска опрема. За жал, наредниот ден, во раните утрински часови, заедно со Видевски и колегите од македонското радио Огњен Герасимовски и Перо Момировски моравме да бидеме на аеродромот во Солт Лејк Сити, не очекуваше лет за Минеаполис, потоа и за Амстердам за да се вратиме во Скопје. Опремата не успеав да ја земам, ќе беше тоа убав спомен, но средбата со Ед Јовановски никогаш нема да ја заборавам“ – вели Михајлов.

Се вчитува...