Пишува: Миодраг Мицковиќ
Сигурно љубителите на фудбалот во Македонија ќе се запрашаат, кој е Јован Кировски за кого сакаме да пишуваме во денешниот напис, кој има играно и за репрезентацијата на САД и тоа на 62 натпревари постигнувајќи 9 гола. Во Америка познато фудбалско име, денес е технички директор на клубот Лос Анѓелес Галакси, за кого има играно од 2009 до 2011 година, во кој потоа беше помошен тренер се до назначувањето на директорската функција.
Приказната за ова анонимно фудбалско име барем во Македонија, ќе ја започнеме во седумдесеттите години кога неговото семејство заминало од тетовското село Сиричино за Америка, во градот Ескондидо во Калифорнија каде е роден и Јован Кировски во 1976 година. Во Сиричино останаа да живеат многу нивни блиски роднини.
Многу е интересен фудбалскиот пат на Кировски, кој е сигурно прв фудбалер од македонско потекло и прв Американец кој има потпишано за Манчестер јунајтед и го носел неговиот дрес за младинската екипа 1992/ 93 година. Има настапувано и за резерниот тим на Манчестер јунајтед, но поради тоа што не доби работна дозвола во тоа време, мораше да замине од Англија и до 2000 година го носеше дресот на Борусија Дортмунд на 20 натпревари, а потоа една сезона беше позајмен на Фортуна Келн.
Кратко време во 2001 година играше и за Спортинг од Лисабон, само на 5 натпревари за да се врати одново во Англија, но сега со работна фудбалска дозвола и до 2004 година да игра за Кристал Палас (36 меча) и за Бирминген (23 натпревари).
Од Англија се врати во САД
По настапите во Англија, Германија и Португалија, на покана на клубот Лос Анѓелес Галакси, Јован Кировски се врати во САД каде покрај во репрезентацијата на оваа држава, играше на двапати за Лос Ангелес Галакси во сезоната 2004/2005, а во неговиот дрес ја заврши и активната фудбалска кариера 2009/ 2011 година со 104 настапи и 18 гола. Во меѓувреме го носеше и дресот на клубот Колорадо Рапидс 2005/2008, на 61 натпревар постигнувајќи 12 гола и на клубот Сан Хозе /2009/. Вкупно за сите овие клубови во неговата кариера има одиграно 281 првенствени натпревари, постигнал 40 голови. Веднаш по завршувањето на активното играње, Лос Анѓелес Галакси го назначил Јован Кировски за помошен тренер, денес е технички директор.
Репрезентативно деби на Кировски против Јамајка
Неговите настапи за европските клубови, а потоа и за екипите во Америка не останаа незабележани за фудбалските челници на репрезентацијата на САД. Првпат го облече репрезентативниот дрес на САД со неполни 18 години на 19 октомври 1994 година против младата селекција на Саудиска Арабија. За сениорската дебитираше против Јамајка истата година. Настапи и на Олимписките игри во Атланта 1996 година на средбите со Тунис 2:0, Португалија 1:1 и Аргентина 1:3 но поради послаба гол разлика од Португалија, во А групата, репрезентацијата на САД не се пласираше во четвртфиналето на фудбалскиот турнир. Беше член на репрезентацијата и на Купот на конфедерации 1999 и 2003 година. За селекцијата до 23 години има 3 настапи, за сениорската репрезентација на САД, Јован Кировски има одиграно 62 меча, постигнал 9 гола.
Гостин на ФФМ во 2017 година
Јован Кировски не заборава да истакне дека неговото семејство потекнува од Македонија, од тетовскиот крај, од селото Сиричино, беше и гостин на Фудбалската федерација на Македонија на пријателската средба 2017 година со Норвешка во Скопје (2-0), кога имавме можност и да разговараме со него. И што е уште поинтересно, од тетовскиот крај, од Јегуновце, потекнува и еден од најдобрите хокеари на Канада, Ед Јовановски, со 40 настапи за репрепрезентацијата на оваа земја, сопственик на златен олимписки медал , сребрен од светското првенство за кого исто така пишувавме пред извесно време.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА