СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Првата турнеја на Вардар беше во Бугарија

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Дали некој се сеќава кога Вардар за првпат во својата богата историја гостувал во странство, во која држава ги одиграл првите средби со клубовите кои не биле од тогашна Југославија. Изминаа од тогаш 74 години, многу време за да некој се сеќава на таа првата турнеја на Вардар, на првото гостување во Бугарија 1947 година, каде одигра две средби.

Прелистувајќи ги веќе пожолтените страници на тогашниот единствен дневен весник „Нова Македонија“, на половина спортска страница ги пронајдовме извештаите од тие две одиграни средби, со не многу опширни извештаи, без потпис на авторот.

На првиот натпревар , со еден од најпознаите бугарски клубови Славија, Вардар во Софија одиграл нерешенол 0:0 што беше голем успех. На втората средба против екипата Дерменџи во Горна Џумаја, Вардар забележа убедлива победа со 3:0.

На двата меча Вардар играл во состав: Димитровски, Ивановски, Петровски, Давидовски, Кокиновски, Геров, Андоновски, Балевски, Д. Георгиевски, Јаневски, Цинциевски.

Следната 1948 година Вардар одигра и три меѓународни средби што беше и прво гостување на една странска екипа во Скопје. Најпрвин два меча со бугарската екипа Септември од Софија. На првата победи со 2:0, на втората уште поубедливо со 4:0. Третиот меч беше со Партизани од Тирана на која исто така забележа убедлива победа со 3:0.

На овие мечеви составот на Вардар беше малку изменет: Дилев, Герасимовски, Петровски, Кокиновски, Киприновски, Давидовски, Сезаир, Цекиќ, Јаневски, Андоновски, Христовски.

Во тие први години од своето формирање, Вардар на двапати беше на турнеја во Турција и еднаш во Сирија.
Во 1952 година одигра два меча во Анкара. Првиот со Генчлер Бирлики за заврши нерешено 2:2, на втората средба со клубот Анкара Гиџи Вардар победи со 3:2.  Наредната 1953 Вардар во Сирија одигра два натпревари. Го победи клубот Полицај со 3:0, во реваншот, по два дена загуби од истата екипа со 2:1. На оваа турнеја Вардар играше во состав: Видиниќ, Арсовски, Лазаревски, Кокиновски, У.Петровски, Новаков, Цинциевски, Велковски, Балевски, Јаневски, Каранфиловиќ.

На втората турнеја во Турција во 1955 година, Вардар беше мошне успешен, на четири средби забележа четири победи. Најпрвин го победи клубот Мерсина со 3:0, потоа екипата Мили Менсухан со 1:0, на ред дојде Јол Спорт со 2:0, а турнајата ја заврши со победата против Демир Спорт со 3:1.

Овие победи Вардар ги забележа со еден од своите најдобри состави во тие години: Видиниќ, Арсовски, Божиновски, Дацевски, У.Петровски Чапарески, Антиќ, Б.Геогиевски, Леов, Јаневски, Цинциевски.

Се вчитува...