Во изминатите 69 години, почнувајќи од летните Олимписки игри во Мелбурн 1956 година, па се до Олимпијадата во Париз во 2024 година, македонските спортисти учествувале на 17 најголеми спортски игри во светот. Единствено на Летните олимписки игри во Токио 1964 година во составот на тогашниот југословенски олимписки тим немаше ниту еден спортист од Македонија. Освоени се вкупно 14 медали, две златни, шест сребрени и шест бронзени медали. По две олимписки медали имаат освоено Шабан Трестена, Благоја Видиниќ и Шабан Сејдиу.
Прв македонски спортист кој учествувал на Олимписките игри и освои медал е поранешниот голман на Вардар и тогашната репрезентација на Југославија, Благоја Видиниќ кој во Мелбурн со селекцијата на Југославија освои сребрен медал. Видиниќ за репрезентацијата на Југославија бранеше и на ЛОИ во Рим 1960 година кога освои златен медал.
Златен олимписки медал има освоено и Шабан Трстена (Лос Анѓелес 1984), кој е сопственик и на сребрен медал од Сеул. Носители на сребрени медали покрај Видиниќ се уште боксерот Реџеп Реџеповски (Лос Анѓелес 1984), кошаркарот Благоја Георгиевски (Монтреал) и кошаркарката Стојна Вангеловска (Сеул 1988).
Со бронзен медал се закитија Шабан Сејдиу (Москва и Лос Анѓелес), боксерите Аце Русевски (Монтреал), Азис Салиху (Лос Анѓелес) и фудбалерот Милко Ѓуровски/ (Лос Анѓелес).
Во самостојна Македонија, од 1992 година, на девет олимписки игри на кои учествувале македонски спортисти имаме освоено два медали, сребрен и бронзен. Прв кој не израдува беше борачот Могамед Ибрагимов, кој на олимпијадата во Сиднеј 2000 година освои бронзен медал.
По четири години во Токио 2020 година Дејан Георгиевски ни го донесе вториот олимписки медал, сребрен во таеквондо. И тоа е се засега.
Од македонските спортисти кои на Олимписките игри настапија под името Македонија откако нашата држава стана самостојна, први во 1992 година во Барселона, Шпанија, беа пливачите Наташа Мешковска и Кире Филиповски, борачот Зоран Шоров, кајакарите Лазе Поповски и Лазар Милоевиќ и атлетичарката Елизабета Павловска.
Бидејќи Македонија како новоформирана држава се уште не беше членка на Обединетите Нации ниту членка на Меѓународниот олимписки комитет, се до последен момент не се знаеше дали македонските спортисти ќе настапат на игрите во Барселона. Беа сместени во хотел, не во олимпиското село. По многу консултации меѓу членовите на Меѓународниот олимписки комитет, конечно добија дозвола да учествуваат, но под одредени услови. Во дефилето и на натпреварите мораа да настапуваат под олимпиското знаме и во бели дресови без државни амблеми на Македонија. Дури и химната која се свиреше кога се преселија во селото, беше олимписка.
Нашата најдобра пливачка на сите времиња, Наташа Мешковска во трката на 100 м. делфин се пласира на 35. место според постигнатиот резултат во конкуренција на 45 пливачки, додека на 200 метри делфин беше 18-та, од 32 натпреварувачки.
Кире Филиповски на 100 м делфин беше на 47. место од 7о пливачи кои настапија, додека на 2оо м делфин се пласира на 39. место во конкуренција на 48 пливачи.
Зоран Шоров, по Лос Анѓелес, по вторпат настапи на една Олимпијада. На стартот загуби од Германецот Шаубе, а потоа и од светскиот првак, Бугаринот Павлов и остана без пласман.
Не се прослави и атлетичарката Елизабета Божиновска. Во својата четврта квалификациона група на 100 м со пречки беше последна со мошне слабо време од 14.28, далеку послабо од резултатот 13,13 постигнат на митингот во Софија со кој доби право да учествува на Олимписките игри. Овој постигнат резултат долго беше оспоруван од атлетските стручњаци во Македонија.
Ништо подобро не минаа и кајакарите. Лазе Поповски според постинатото време во трката К-1 го освои 34. место, додека Лазар Милоевиќ беше последен во Ц -1 бидејќи во првата трка се преврте на патеката и не ја заврши.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

