Пишува: Миодраг Мицковиќ
Со години сме сведоци на изборот на најдобрите спортисти на Македонија, почнувајќи од дневните весници, спортските портали па се до Сојузот на спортовите на Македонија и Агенцијата за млади и спорт. Изборот секогаш привлекува внимание кај љубителите на спортот, бидејќи тоа е огледало на најголемите успеси на македонските спортисти таа година. Во „Екипа“ минатата недела ја објавивме првата анкета што ја спроведе весникот „Спортски глас“ во далечната 1954 година, кога за најдобар спортист на Македонија беше прогласен фудбалерот на Вардар Јане Јаневски.
Меѓутоа, изборот на најдобрите спортисти на Македонија официјално прв го започна весникот „Нова Македонија“ 1954 година и таа традиција трае до ден денес.
Интересно ќе биде да се прочита и да се потсетиме кои беа најдобрите десет спортисти на Македонија во далечната 1954 година, на чии имиња сигурно се уште се сеќаваат само најстарите љубители на спортот во нашата држава.
Најдобар спортист на Македонија за 1954 година беше прогласен од читателите на Нова Македонија, скијачот на Љуботен од Тетово Рефик Јахја, државен првак во слалом на поранешна Југославија во младинска конкуренција на првенството што се одржа на Јахорина, а потоа беше и репрезентативец на Југославија.
На второто место се пласираа кајакарите на мирни води од Охрид, Зекир Ремзи и Доко Усни , членови на клубот „Стрмец“ кои на светското првенство во сениорска конкуренција Мекон во Франција го освоија четвртото место во дисиплината К-2.
3. Александар Кулевски, велосипедист на Работнички. Апсолутен првак на Македонија, репрезентативец на Југославија, заедно со Веселин Петровиќ победи на првомајската југословенска трка.
4. Благоја Видиниќ, голман на Вардар. Младински репрезентативец на Југославија. Дебитирал на мечот со Австрија -1:1.
5. Ванчо Филипов, стрелец од Скопје. На пионерското првенство на Југославија го освоил првото место со малокалибарска пушка, тристав со нов државен рекорд.
6. Љубинко Атанасовски падобранец од аероклубот од Гевгелија. Втор на првенството на Југославија одржано во Охрид.
7. Славко Дацевски. Еден од најдобрите фудбалери на Вардар, кој во тоа време играше во Првата лига на Југославија. Капитен на тимот.
8. Миле Андреевски-Штука. Боксер на клубот Металец од Скопје. Репрезентативец на Југославија, на мечот со Египет, го победил медитеранскиот првак Ибрахим Рамбо.
9. Драган Геровски-Дале, ракометар на Работнички. Сестран и успешен спортист во атлетика, кошарка, одбојка, ватерполо, репрезентативец на Југославија во голем ракомет.
10. Радмило Поповиќ, атлетичар на Работнички, републички рекордер во фрлање ѓуле-13.34 м и диск 38.73 м
Во тоа време немаше избор во младинска и женска конкуренција, се признаваа резултати во сите категории за единствена листа од 10 најдобри. Немаше ниту избор на десетте најдобри клубови.
Во таа далечна 1954 година немаше толку развиен спорт во Македонија како денес, резултатите беа скромни, беше голема чест да бидеш репрезентативец на поранешна Југославија во било кој спорт. Затоа и малку смешно е да се напише дека во тие години рекордот на Македонија во фрлање ѓуле изнесувал 13.34 метри, денес кога светскиот рекорд е 23.12 м или во фрлање диск 74.08 м.
Рефик Јахја се најде на листата најдобрите спортисти на Македонија уште двапати, како втор 1955 и 1956 година како деветти.
Дури по 36 години еден скијач повторно се најде на листата на најдобрите спортисти на Македонија. Тоа беше скијачката од Битола Весна Дунимагловска која 1992 година се пласира на шестото место по настапот на Олимписките игри во Абервил кога го има освоено 32 место во велеслалом.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА