Ракометниот шампион на Македонија, Пелистер доживеа срамен пораз на гостувањето кај Алборг од 38-23 во натпревар од 2. коло во новата сезона во Лигата на шампионите. Поразот сам по себе од силниот дански тим предводен од Ландин и Хансен не е толку страшен, но пристапот и играта на ракометарите е нешто што не му доликува на македонски шампион.
И двата тима стартуваа многу лошо во фазата на напад, па одбраните беа тие што доминираа во првите пет минути по кои резултатот на семафорот изнесуваше само 1-1. Петровиќ беше најрасположен во нашиот тим, па со својот втор погодок на мечот во шестата минута го донесе првото водство сезонава за Пелистер во ЛШ (1-2). Ново промашување на Хансен во нападот и погодок на Кузмановски од крило донесе за првпат и водство од два гола за гостите на овој меч (1-3).
Следуваше голем пад на избраниците на Јовиќ, а домаќинот со серија од 3-0 успеа да направи целосен пресврт и во 11. минута да поведе со 5-4. Во следниот период се играше гол за гол, а првпат до два гола предност домаќините стигнаа во 19. минута (10-8).
Следуваше нова грешка на „пелистерци“, а во 21. минута Алборг за првпат стигна до највисоките плус три (11-8), по кои Александар Јовиќ мораше да реагира со првиот тајм-аут. Ниту едната минута пауза не им помогна на гостите, откако Алборг со два гола стигна и до плус пет (13-8). До крајот на првото полувреме разликата само се зголемуваше, а Данците на пауза заминаа со предност од (18-10).
Каде што застана во првиот дел, таму продолжи данскиот вицешампион во второто полувреме. Хансен и компанија буквално од секоја позиција го полнеа голот на македонскиот шампион, а во 40. минута за првпат стигнаа до двоцифрена предност од 24-14. Трагедијата наречена Пелистер продолжи и во следниот период, а во 45. минута Алборг стигна и до највисоките до тој момент плус 15 (29-14). Данците продолжија да го полнат нашиот гол, па во 53. минута стигнаа и до највисоките плус 17 (34-17). До крајот домашните само рутински го приведоа мечот за конечни 38-23. Алекс Влах со седум голови беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените Павле Петровиќ постигна шест.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА