Македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски доживеал повеќе од непријатни сцени денеска во својот роден град Прилеп.
По завршувањето на репрезентативните обврски, членот на англиски Лидс одлучи дел од летниот одмор да мине во својот Прилеп, град во кој е роден, а од каде потоа неговото семејство се сели на печалба во Швајцарија. Но, заедно со неговиот татко и мајка и блиски пријатели денеска доживеал крајно непријатна ситуација на која, како што ни изјави, ниту најмалку не се надевал.
„Доживеав да бидам непожелен во ресторанот Ла Страда во Прилеп, само затоа што заедно со моето семејство зборувавме на албански јазик. Јас сум репрезентативец на Македонија и давам се од себе на секој натпревар за оваа земја, искрено и од срце. Но, секако не гледам зошто немам право да зборувам со моето семејство на мојот мајчин јазик. Навистина се чувствувам многу посрамено“ – ни изјави Алиоски.
Ситуацијата се променила кога всушност во ресторанот виделе дека се работи за македонскиот репрезентативец. Во ресторанот ја „промениле плочата“, но било доцна…
„Кога видоа дека зборуваме албански ни беше кажано дека се е резервирано барајќи да го напуштиме ресторанот… Потоа видоа дека сум јас, сфатија дека всушност сум фудбалски репрезентативец и одеднаш се создаде и место во ресторанот. Се извинуваа, но беше доцна за извинување. Не сакавме тука да останиме затоа што бев со пријатели и со моите родители и сите се чувствувавме непријатно и посрамено“ – вели Алиоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА