Србија е првиот полуфиналист на СП 2023 откако нашиот северен сосед во четвртфиналната пресметка го декласираше националниот состав на Литванија со убедливи 87-68. Литванците како да се истрошија на последниот дуел со САД, па денеска немаа одговор за извонредниот српски напад кој функционираше беспрекорно од првата до последната минута. „Орлите“ одиграа перфектен меч, одржувајќи му лекција по кошарка на големиот ривал за заслужено место меѓу најдобрите четири селекции во светот.
Почетокот беше максимално ефикасен на двете страни, Литванците поведоа со 16-10 и со 20-15, Србија успеа да израмни на 20-20, а првата четвртина заврши со минимално водство на балтичката селекција од 25-24. Вториот период веќе мина во целосна доминација на српските кошаркари, кои заиграа далеку подобро во одбраната, изнудувајќи грешки на противникот, додека во нападот го задржаа посакуваното темпо. Во ритам пред крајот на полувремето влезе капитенот Богдановиќ, кој со две прецизни тројки донесе двоцифрено водство (49-38).
Литванија со добра игра на стартот од третиот период ја преполови негативата, но потоа блесна Стефан Јовиќ, искусниот плејмејкер погоди три тројки, имаше и две асистенции и ја крена разликата над 10 поени, за Србите во последните десет минути да влезат со преубедливи 18 поени разлика (73-55). Литванците беа тотално надвор од ритам, без сили за камбек, а капитулацијата беше видлива откако Србија на почетокот од четвртата четвртина стигнаа и над 20 поени предност (76-55). Петрушев погоди две тројки, Србите поведоа со 82-57 за нов тајмаут на немоќниот литвански селектор во 34. минута од ова четвртфинале. Финишот беше рутински за српските кошаркари, кои ја задржаа убедливата предност до конечните 87-68.
Богдановиќ беше прва виолина во овој голем триумф со 21 постигнат поен, 17 постигна Филип Петрушев, додека Јовиќ го заврши мечот со 11 поени и 5 асистенции. Седекерскис со 14 и Јокубаитис со 13 поени беа најефикасни во таборот на Литванија.
Противник на Србија во полуфиналето ќе биде победникот од дуелот меѓу Канада и Словенија што на програмата е утре со почеток во 14.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

