Србија го слави Милинковиќ – Савиќ, пенал-рулетот кобен за БиХ

Сергеј Милинковиќ – Савиќ беше човекот на одлука на вечерашниот дуел меѓу Норвешка и Србија, на кој асот на Лацио со два гола ја одведе својата селекција до триумф од 1-2 (по продолженија од двапати по 15 минути) и пласман во финалето од Лигата на Нации. Тој влезе во игра на десетина минути пред крајот на регуларниот дел од мечот, веднаш се запиша меѓу стрелците, но Норвежаните возвратија и преку Норман во 88. минута го одведоа мечот во продолженија.

Србија беше подобра во текот на целиот натпревар, а иницијативата беше крунисана и со втор гол на Милинковиќ – Савиќ, кој со нова мајсторија го матираше домашниот голман, носејќи ја својата селекција на само еден чекор до пласман на ЕВРО 2021. Нашиот северен сосед во големото финале на домашен терен во Белград ќе ја пречека селекцијата на Шкотска, која вечерва по ремито од 0-0 дури по изведување на пенали го совлада составот на Израел.

На пенали славеше и Словачка, на дуелот против Република Ирска, како и Северна Ирска, која славеше на гостувањето во Сарајево против селекцијата на БиХ.

Најубедливи вечерва беа фудбалерите на Унгарија, кои како гости ја декласираа Бугарија со 1-3. Орбан го отвори резултатот во првото полувреме, за во вториот дел Калмар и Николиќ да стават печат на триумфот на Унгарците.

На еден меч до пласман на ЕВРО 2021 се наоѓа и Исланд, кој триумфираше со 2-1 над Романија. Гулфи Сигурдсон беше херој на Исланѓаните со два гола во првото полувреме, а единствениот гол за гостите го постигна Максим од пенал во 63. минута.

Се вчитува...