Србија триумфално го стартуваше квалификацискиот циклус за Евробаскет 2025 откако нашиот северен сосед без многу проблеми ја совлада Финска со 77-61. За разлика од претходните вакви ФИБА прозорци на кои отсуствуваа играчите од Евролигата, овојпат селекторот Пешиќ ги имаше речиси сите клучни играчи кои не се дел од НБА, па Србија одигра рутински и заслужено славеше над гостите од Скандинација.
Финците беа за нијанса подобар противник во првата четвртина што ја добија со 17-20, но Србија потоа ја презеде контролата, во вториот период го сврте резултатот во своја полза и ја зголемуваше предноста се до конечните „плус 16“. Митровиќ со 19 и Аврамовиќ со 18 поени беа најефикасни во таборот на Србија во вечерашниот триумф.
Грција на селекторското деби на Василис Спанулис на домашен терен славеше над Чешка со 72-64, дуел на кој јужниот сосед беше предводен од Митоглу со 22 постигнати поени.
Франција ја оправда фаворитската улога на дуелот против Хрватска триумфирајќи со 73-61. На одмор се замина со „плус пет“, а „триколорите“ потоа во третиот период го решија прашањето на победникот (57-44 по 30 минути игра) и рутински ја задржаа предноста до самиот крај. Луваву Кабаро беше најдобар стрелец кај Франција со 15 поени, 12 постигна Стразел, додека во таборот на Хрватска блескаше Марио Хезоња со 22 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

