Репрезентацијата на Србија сосема заслужено се пласираше во четвртфиналето од СП 2023 откако во денешниот клучен натпревар ја демолираше Доминиканската Република со убедливи 112-79. Разочарувачкиот пораз од Италија беше оставен зад себе, српските кошаркари одиграа перфектен натпревар во кој победата во ниту еден момент не им беше доведена во прашање и заслужено се најдоа меѓу најдобрите осум селекции на овој Мундобаскет.
Самиот почеток јасно покажа дека Србите се максимално мотивирани, со беспрекорна одбрана уште во раната фаза стигнаа до двоцифрена предност (21-9), добивајќи ја првата четвртина со 29-15. За разлика од претходните средби на кои имаше одредени осцилации во играта, овојпат српскиот состав одигра максимално фокусирано и во продолжението, постигна 27 поени во вториот, а потоа и 31 поен во третиот период, па во последните десет минути се влезе со преубедливо водство на „орлите“ од 87-53. Доминацијата продолжи буквално до самиот крај, па Србија овој импресивен меч го заврши со 112 постигнати поени.
Убедливото водство му овозможи на Пешиќ и да даде подеднаква минутажа на речиси сите играчи и да ги одмори клучните кошаркари во пресрет на четвртфиналето. Најефикасни во српскиот табор беа капитенот Богдановиќ со 20, пред Милутинов и Маринковиќ со 16 и Петрушев со 14 поени.
Србија го освои второто место во својата група, зад селекцијата на Италија. Ривал на нашиот северен сосед ќе биде победникот од дуелот меѓу Литванија и САД, кој автоматски ќе го освои првото место во групата Ј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

