Србија оди напред, Шведска ја прескокна Русија

Репрезентацијата на Србија славеше со 4-1 над Литванија и ја оствари зацртаната цел – освојување на првото место и искачување во Б-натпреварувањето од следното издание на Лигата на Нации. Првото полувреме од денешниот меч во Белград мина во здодевна игра, на тежок терен и пред речиси целосно празни трибини. Србите се разбудија по подарокот на гостите, кои преку Жулпа си постигнаа автогол. Потоа домашната селекција целосно ја презеде иницијативата и на крајот стигна и до убедлива победа со головите што ги реализираа Митровиќ, Љајиќ и Пријовиќ.

Дел од елитата од наредниот циклус на Лигата на Нации ќе биде селекцијата на Шведска, која го освои првото место во групата Б2. Швеѓаните вечерва во клучниот натпревар беа домаќини на Русија, триумфирајќи со 2-0 со погодоците на Линделоф и на Берг.

Скок од Ц во Б лигата обезбеди и Шкотска, по вечерашниот триумф од 3-2 над Израел благодарение на хет-трикот на Форест.

Последниот меч од елитното друштво меѓу Португалија и Полска немаше преголемо значење бидејќи и пред него беше познато дека Португалците ќе играат на Ф4, додека Полјаците испаѓаат од елитното друштво. Нивниот дуел заврши без победник, 1-1, домаќинот поведе во првото полувреме преку Силва, а кон средината на вториот дел Полска израмни со голот од пенал на Милик.

Се вчитува...