Србија повторно од „минус“ до драматичен триумф во Сараево

Како и против Швајцарија, така и против Босна и Херцеговина, кошаркарската репрезентација на Србија имаше негатива, но на крајот славеше со 74-72 во Сараево по голем пресврт, и по одличната четврта четвртина која ја добија Србите со 23-14.

Кошаркарите на БиХ ја добија воведната четвртина, а потоа славеа и во втората, па заминаа со предност од +4 поени на полувремето. Србите никако не успеваа да најдат противигра за домашниот тим, па така во еден миг имаа негатива и од девет поени во финишот на третиот период (58-49).

И, кога се чинеше дека БиХ ја има контролата и дека може да го земе скалпот на еден од големите фаворити, се случи серија на Србија од 7-0 на стартот на последниот период, по што Србите се доближија на само еден кош разлика. Србија успеа и да поведе во финишот од натпреварот со +4, но потоа БиХ врати со тројка, па на седум секунди до крајот Србите имаа предност од само еден поен.

Досудена техничка грешка во корист на гостите, Анѓушиќ го погоди слободното фрлање, меѓутоа по уфрлувањето на топката од страна, грешка на Србија и топка за БиХ. Меѓутоа не погодија домашните кошаркари и на крајот Србија славеше триумф.

Танасковиќ постигна 24 поени за Србија. За БиХ Кастанеда постигна 19 поени.

Се вчитува...