Србија прими спектакуларен гол со ножички и загуби од Данска (видео)

Данска е лидер во својта група во Лигата на Нации откако скандинавската селекција стигна и до втората победа во низа на домашен терен, овојпат против Србија со резултат 2-0. Србите пред неколку дена ремизираа со европскиот првак Шпанија, но овојпат немаа сили со дефанзива да стигнат барем до бод.

Пикси повторно се реши за одбранбена формација, но беше казнет откако Данците ја реализираа својата прва шанса, кога Гронбек одлично се снајде и со удар од десетина метри го матираше српскиот голман. Србија беше принудена да се отвори, но се мачеше да искреира посериозна шанса. На спротивната страна, победата беше запечатена со маестралниот погодок на Поулсен, откако голгетерот на Лајпциг со велемајсторски ножички ја смести топката во мрежата.

Бугарија триумфираше на домашен терен против Северна Ирска со 1-0, со голот што го постигна Десподов во 40. минута по големиот кикс на домашната одбрана на чело со голманот.

Словачка беше сигурна пред своите гледачи против Азербејџан, триумфирајќи со 2-0 со головите во првото полувреме на Дуда и на Стрелец.

Се вчитува...