Србија со големо засилување за претстојното СП во кошарка

Србија ќе биде значително засилена за претстојниот светски шампионат во кошарка откако беше потврдено дека Алексеј Покушевски ќе му биде на располагање на селекторот Пешиќ за наредниот Мундобаскет.

Покушевски важи за еден од најголемите таленти во српската кошарка, тој е член на Оклахома Сити тандер, а токму забраната од клубот беше причина овој кошаркар да не настапи на претходниот европски шампионат. Сега ситуацијата е поинаква, откако генералниот менаџер на тандер, Сем Прести потврди дека Покушевски ќе добие зелено светло од клубот.

„Покушевски ќе биде со репрезентацијата летово и тоа е добра работа. Неговиот напредок е очигледен, како што одминуваше сезоната тој играше се подобро и верувам дека ќе напредува уште повеќе играјќи за својата национална селекција“, изјави Прести.

Се очекува Покушевски да се најде на подготовките на српскиот национален тим, но последниот збор сепак ќе го има селекторот Пешиќ, кој и во минатото знаел да изненадува со бришење на навидум сигурни патници на големите натпреварувања.

Се вчитува...