Ракометарките на Србија остварија одличен резултат славејќи со 33-31 на реваншот против Словенија, триумф со кој нашиот северен сосед стигна до билет за претстојниот мундијал што ќе се одржи на крајот од годинава во Холандија и во Германија.
Првиот меч во Словенија заврши нерешено, а вечерва Србинките одиграа одлично, беа посмирени во клучните моменти и заслужено се радуваа на победата. Искуснат а41-годишна Катарина Томашевиќ имаше клучни интервенции кога се кршеше резултатот, Словенките имаа 18-22 во 36. минута, но потоа дојде до голем пад во нивната игра што домашната селекција го искористи, направи пресврт, а печат на триумфот со гол во самиот финиш стави Андреа Лекиќ.
Крпеж – Шлезак беше најефикасна во српскиот табор со осум гола, по седум постигнаа поранешните „вардарки“ Лекиќ и Цвијиќ, додека на Словенија не и помогнаа ниту десетте погодоци на Тјаша Станко.
За разлика од Србија, репрезентацијата на Хрватска не успеа да се пласира на СП 2025 откако на реваншот загуби од Шпанија со 23-17. Избраничките на селекторот Обрван имаа „плус еден“ од првиот натпревар, но катастрофалниот напад беше причина Хрватска да биде елиминирана во овој бараж-двомеч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА