Србинот Бојиќ го менува Мајсторовиќ во МЗТ Скопје

Српскиот кошаркар Андрија Бојиќ (24 год, 207 см.) е последното засилување на МЗТ Скопје за оваа натпреварувачка сезона откако македонскиот првак денеска и официјално потпиша договор со овој играч, пред самиот почеток на Супер-лигата.

Бојиќ би требало да им даде дополнителен квалитет на „металците“ во играта под обрачите, каде од него ќе се очекува повеќе од она што го прикажа Ѓорѓе Мајсторовиќ, кој пред десетина дена си замина од редовите на македонскиот шампион.

Тој сезонава настапуваше за романскиот тим Политехника Јаши, кого го напушти поради голема финансиска криза која го зафати овој клуб. Новиот член на шампионот кариерата ја почнал во екипата на Мега Визура, а досега во кариерата има настапувани и за ОКК Београд, Борац Чачак, Младост Земун како и унгарски Јазберени и полскиот тим Полфарма. Во 2014 година беше избран за најкорисен (МВП) игра на првата фаза од Првата лига во Србија.

Дебито на Бојиќ во дресот на аеродромци се очекува уште на утрешниот меч против Куманово во „Јане Сандански“.

Се вчитува...