Македонскиот вицешампион Вардар претстави уште едно ново засилување, откако денеска беше официјализирана соработката со Младен Крсманчиќ, 31-годишниот српски ракометар кој би требало да ја засили бековската линија на „црвено-црните“.
Крсманчиќ потпишува нецели 24 часа по официјалната разделба од Јапонецот Јасухира, па јасно е дека искусниот Србин ќе има тешка задача да го замени најдобриот ракометар на „вардарци“ од ланската сезона.
Овој 184 см. висок играч настапува на позицијата среден бек, а доаѓа од Унгарија каде претходните сезони настапуваше во тимот на Чургу. Во својата играчка кариера има настапувано за тимот на Југовиќ, Слога, Железничар, Анаитасуна (Шпанија) и во Чургу (Унгарија).
„Потпишувањето на договорoт со Вардар претставува значаен чекор во мојата спортска кариера. Овој клуб со својата богата историја и успехot во освојувањето на ракометната Лига на шампиони за мене го симболизира врвот на професионалниот ракомет. Во претстојната сезона очекувам интензивна работа, посветеност и заеднички напор за освојување на нови титули, а особено се радувам на можноста да придонесам за тимот со моето искуство и енергија на теренот“, изјави Крсманчиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА