Раководството на Одбојкарската Федерација на Македонија става акцент на мрднување од „мртва точка“ на женската репрезентативна одбојка, па денеска беше постигнат договор српскиот стратег Ненад Михајловиќ да биде именуван за селектор на младите национални селекции.
„Се е договорено, останува на почетокот од август да заминам за Скопје и таму да ги ставиме потписите на договорот. Идејата е да се направат четири „пункта“ каде ќе се собираат најталентираните млади одбојкарски од Македонија. Акцент е ставен на европското првенство за јуниорки што ќе се одржи во Македонија во 2022 година, а цел е да се прикаже што подобра игра. Треба да се направи почетна селекција, па напорно да се работи, нема да биде нималку лесно, но искрено едвај чекам да почнам“, изјави Михајловиќ за српските медиуми.
Целта е да се постават темелите на женската репрезентативна одбојка, со оглед на фактот дека ОФМ со години наназад не го пријавува женскиот сениорски тим за квалификациите за елитните натпреварувања.
„Може да се каже и така, дека ќе ги поставувам темелите, но ајде да одиме чекор по чекор. Секако дека очекувам голем број од сегашните кадетки кои за две години ќе играат на тоа јуниорско ЕП, во иднина да станат и сениорски репрезентативки. Би бил горд кога еден ден некој би рекол дека играта на макеоднската селекција наликува на српската школа за одбојка“, вели Михајловиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА