Српскиот репрезентативец во редовите на Мајами Хит, Никола Јовиќ се најде во центарот на вниманието по одличниот настап против Хјустон каде не беше поентерски во врвно издание постигнувајќи само шест поени, но блесна на двете страни на теренот со осум скокови и шест асистенции за 21 минута помината на паркетот.
За младиот 20-годишен Србин пофални зборови имаа тренерот Ерик Сполстра, Тајлер Хиро и Бем Адебајо.
„Напредокот му е побрз отколку што очекував и ќе продолжи да напредува, нема да запре тука. Ја користи шансата која ја добива и ако продолжи така само ќе му се зголемува минутажата“, изјави тренерот Сполстра.
„Го обожавам Нико. Му кажав дека започнувам Никола Јовиќ фан клуб. Обожавам како игра, тој е многу квалитетен. Мислам дека е многу, многу добар кошаркар. Многу сум возбуден за него и шансата која ја добива. Заслужува“, вели Хиро.
„Секогаш ги споменувам работите кои не се гледаат на телевизија. Работи напорно секој ден. Нема момент јас да не сум во теретана и тој да не е таму. Работи и на малите нешта, постојано гледа филм од натпреварите, ја учи играта, работи и пред и на самите тренинзи. Тие мали нешта многу значат за вакви натпревари. Имаше само шест поени, но беше фантастичен на двата дела од теренот и тоа е најголемото значење за еден кошаркар. Може да дрибла, да шутира, да додава. Висок е, а има само 20 години. Неверојатно“, додаде Адебајо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

