Србинот што го бараа Интер, Јуве и Милан ќе потпише за Аталанта

Лазар Самарџиќ веќе две години наназад е желба на најголемите италијански клубови, добро познато е дека трансферот во Интер му пропадна во „пет до дванаесет“ поради конфликт на неговиот татко со управата на „нероаѕурите“, а поради слични причини не се реализираа ниту трансферите во Јувентус или Милан, иако и овие два италијански гиганти се интересираа за талентираниот играч за врска.

Самарџиќ конечно ќе го напушти Удинез, a негов нов клуб ќе биде Аталанта. Тимот од Бергамо е во завршна фаза да го продаде Копмајнерс во Јувентус за над 50 милиони евра, а токму Србинот беше на врвот на листата со желби на тренерот Гасперини за наследник на холандскиот репрезентативец. Преговорите се интензивираа во последните два дена, за денеска да биде постигнат целосен договор, Удинезе ќе има загарантирани 20 милиони евра, плус пет милиони евра врзани со неколку клаузули, но и процент од следната продажба на Самарџиќ кога Србинот ќе си замине од Аталанта.

Поради ова Самарџиќ ќе го пропушти првиот меч на Удинезе што ќе се игра викендов, наместо тоа српскиот репрезентативец ќе замине на лекарски прегледи во Бергамо, по што треба да следи и официјален потпис на договорот со новиот клуб.

Се вчитува...