Србинот Стојановиќ седнува на клупата на Металург

Дамир Стојановиќ е изборот на управата на Металург за нов предводник на поранешниот првак на Македонија. „Металурзите“ беа во потрага по нов тренер уште по оставката што Данило Брестовац ја поднесе по поразот од Работник во Скопје, тогаш беше донесена одлука  Оливер Димитриоски да ја доврши сезоната, а во меѓувреме да биде избрано вистинското решение на долгорочен план.

По бројни разговори и преговори, изборот на крајот падна врз Стојановиќ, стратег што има работено во Земун, потоа во грчкиот прволигаш Патра, па унгарскиот клуб Вечеши, а последниот ангажман го имал во Израел, како предводник на Хапоел Ришон Лезион.

„Ја донесовме одлуката за нов тренер, тоа ќе биде Дамир Стојановиќ. Договорот со него е постигнат вчера, а утрово само беше потврден на состанокот на клупската управа. Веруваме во новиот тренер, кој имаше одлични препораки“ – изјави претседателката на Металург, Зорица Блажевска.

Реномето на Стојановиќ е далеку под она што Металург го имаше до неодамна, но мора да се земе во предвид дека и клубот од Автокоманда во новата сезона ќе биде со помали амбиции од вообичаено. „Металурзите“ ќе се насочат на домашното првенство, нема да бидат дел од ЛШ, туку од ЕХФ-Купот, а нема да учествуваат ниту во СЕХА-лигата. Новиот тренер ќе има за задача и да го формира костурот на екипата, со оглед на фактот дека дел од стандардните играчи веќе си заминаа, а дел најавија дека во текот на летово ќе ги променат клупските бои.

Се вчитува...