Гостивар одигра одличен натпревар и заслужено славеше на гостувањето против Блокотехна, нанесувајќи му го првиот пораз на тимот од Гевгелија во оваа сезона. Тренерот Марјан Србиновски има причина да биде задоволен, откако неговите избраници одиграа одлично во одбраната и го неутрализираа нападот на гевгеличани, кој вообичаено е главно оружје на Блокотехна.
„Кога ќе се запре еден квалитетен офанзивен тим, значи дека добро сме си ја завршиле работата во одбраната. Клучна работа беше што го забавивме темпото на игра, одигравме добра одбрана на нивната предна линија, исфрлајќи ги од ритам домашните играчи. Покажавме квалитет и заслужено победивме еден силен противник, што дополнително ќе ни ја зголеми самодовербата во натамошниот дел од сезоната. На почетокот имавме проблеми со повреди на дел од клучните играчи, но сега сме комплетни и влегуваме во посакуваниот ритам, како што покажавме на последните два дуели со Фени индустри и со Блокотехна. Гостивар не запира, одиме по нови победи, се насочуваме кон предизвиците што се пред на во периодот што ќе следи“ – истакнува Србиновски.
Гостивар по првите пет кола има скор од три победи и два порази, што се очекува дополнително да го подобри во следните две рунди, во кои тимот на Србиновски за противници ги има екипите на Шкупи и на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА