Тренерот на Куманово, Марјан Србиновски, не го криеше големото задоволство по успехот на својот тим и пласманот во големото финале од БИБЛ-лигата. Екс-селекторот на Македонија ги пофали своите играчи, кои и покрај скратениот ростер одговорија на големиот предизвик и стигнаа до посакуваната победа над Пеќ.
„Секако дека сме задоволни, имаме на што да бидеме горди бидејќи ќе играме во финалето на БИБЛ-лигата. Имаме проблеми, реално настапуваме со само седум играчи во ростерот и товарот врз нив е огромен, но и покрај се успеваме да чекориме напред. Овој успех ќе ни даде самодоверба во периодот што претстои, иако знаеме дека нема да ни биде лесно во период во кој ќе се игра среда – сабота, особено поради квалитетот на домашното првенство“ – изјави Србиновски.
Реваншот против Пеќ беше исполнет со максимална неизвесност, но „сино-белите“ одговорија на предизвикот и со поените на Живановиќ стигнаа до посакуваното финале.
„Лошо го почнавме натпреварот, бевме премногу нервозни што ни се одрази и во нападот и во одбраната. Во второто полувреме заигравме поагресивна одбрана и тоа вроди со плод, се отворија и чисти шутеви, по што влеговме во ритам и успеавме да стигнеме до победата што толку многу ја поскаувавме“ – истакнува тренерот на Куманово.
Србиновски е реален дека кумановци нема да ја имаат улогата на фаворит во големото финале против бугарскиот претставник Берое.
„Берое е најквалитетен тим во БИБЛ сезонава, впрочем доказ за тоа е фактот дека во полуфиналниот двомеч со Теодо славеше со вкупно 45 поени предност. Тие ќе бидат фаворити во финалето, но тоа не значи дека ние ќе се предадеме. Напротив, ќе одиграме најдобро што можеме, ќе го оставиме срцето на терен и ќе се обидеме да стигнеме до трофејот. Не можеме да ветиме титула, но сигурно ќе сториме се за уште еднаш достојно да го претставиме Куманово“ – порачува Марјан Србиновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА