Гостиварци полека се подготвуваат за претстојната сезона во првата кошаркарска лига. По пауза од 10 години, некогашниот шампион на Македонија се врати во елитата каде во оваа сезона пред се, ќе се обиде да го задржи статусот на прволигаш.
Со претсезонските подготовки се на половина пат, тренерот Марјан Србиновски со речиси нов состав цело лето напорно работи за тимот да биде комплетно подготвен за сезоната која стартува на 7. октомври.
Во клубот пристигнаа неколку искусни кошаркари, но и млади репрезентативци кои во иднина треба да бидат носители на Гостивар. Ветеранот Димче Тасовски ќе биде главна фигура во тимот, а заедно со него од екипата на Работнички пристигна и Кирил Павловски. Од тимот на Кожув пристигна Ивица Димчевски, а Јурај Серагиќ од Хрватска и Александар Тодоровиќ од Босна и Херцеговина се новите странски имиња кои ќе ги бранат боите на екипата од Гостивар.
Србиновски вели дека е задоволен од досегашниот напредок на неговите играчи. Сите се обидуваат да ги извршуваат задачите како што ги замислил тој, но смета дека се уште има многу да се работи за да се стигне до посакуваното ниво.
„Сите играчи се речиси нови, па нормално дека се работеше многу повеќе од обично за играчите да можат што побрзо да се навикнат еден на друг. Од досегашните подговотки сум презадоволен, сите даваат додатен напор за да се стигне на посакуваното ниво. Но, секако и дека има уште многу да се работи, треба да се подобриме уште во неколку сегменти. Од трите контолни натпревари кои ги одигравме можам да кажам дека сум задоволен. Сите играчи се обидуваат да ги извршуваат задачите според моја замисла, што значи дека засега се оди според планот. До крајот на подготовките очекувам уште најмалку пет контролни средби, а со нив нормално очекувам уште напредок“, вели Србиновски за ЕКИПА.
Досега се одиграни три контролни натпревари на кои се забележува голем напредок, но Србиновски смета дека допрва треба да се подобруваат во неколку сегменти. Еден од контролните мечеви беше против Работнички, на кој гостиварци покажаа дека се доследни на предизвикот. До почетокот на новата сезона се планирани уште најмалку пет пријателски средби на кои ќе се оценува напредокот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА